Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард побара од 19 експерти од членките на еврозоната, по еден од секоја земја, да изберат нов дизајн на банкнотите на еврото до 2024 година.
Новиот дизајн ќе го осмисли панел советници составен од експерти од многу области – од уметници и дизајнери до физичари и археолози, а банкнотите ќе го променат својот изглед за да станат подостапни за Европејците од сите возрасти и култури.
Откако панелот ќе осмисли нови визуелни решенија, ЕЦБ ќе ги стави на јавна дискусија. Следува конкурс, по што ќе се одржат дополнителни консултации, а конечната одлука за изгледот на новите евро банкноти ќе ја донесе Управниот совет на ЕЦБ, органот кој вообичаено носи одлуки за каматните стапки и слични прашања.
Одлуката за редизајнот доаѓа откако одлуката на ЕЦБ за можноста за имплементација на новото дигитално евро загрижи многумина и потенцијално укажа на „смртта“ на физичките пари.
Лагард нагласи дека банкнотите нема да бидат укинати.
„Банкнотите остануваат. „Тие се тактилен и видлив симбол на заедничка Европа, особено во време на криза и сè уште се исклучително барани“, рече Лагард.
Најголем број на банкноти се од 50 евра, од кои 13,4 милијарди, потоа следат банкнотите од 20 евра, кои ги има 4,5 милијарди. Банкноти од 100 евра има две милијарди, а исто толку има банкноти од 10 и пет евра. Банкнотите од 200 и 500 се поретки, а ги има по една милијарда секоја.
Централните банки на земјите од еврозоната престанаа да издаваат банкноти од 500 евра во 2019 година, бидејќи постоеше страв дека криминалците ќе ги искористат за ефикасно пренесување на големи количини на готовина.