Ден Ариели, професор по психологија и бихевиорална економија спроведе истражување во склоп на книгата „Payoff: The Hidden Logic That Shapes Our Motivations“ за тоа што го мотивира поединецот за работа.
Тој ги поделил учесниците во четири групи и испратил по една порака на почетокот на работната недела.
На првата група напишал услов ако секој ден учесниците ги исполнат дневните квоти, на крајот на неделата ќе добијат пица. На втората група ветил паричен бонус за истата работа, на третата писмена пофалба до шефот, додека на четвртата група не ветил нешто специфично.
Уште на крајот од првиот ден забележал дека пицата е најголем мотиватор првата група да го подигне нивото на продуктивност за 6.7 проценти. Пофалбата кај шефот исто така им значи на луѓето бидејќи третата група била за 6.6 проценти повеќе продуктивна.
Интересна е и групата со ветен паричен бонус. Иако многумина мислат дека тоа најмногу би ги мотивирало вработените, тие го подигнале нивото на продуктивна работа за 4.9 проценти во текот на првиот ден, а веќе во следните два дена биле за 13.2 проценти помалку продуктивни.
До крајот на неделата Ариели пресметал дека продуктивноста севкупно опаднала за 6.5 проценти. До крајот на неделата прва била групата со ветена пица, и понатаму била најмногу мотивирана и продуктивна. Зад неа била групата со ветена пофалба кај шефот.
Заклучокот е дека на луѓето понекогаш поважни им се близината, топлината и дружбата со колегите и шефот по добро завршена работа отколку парите.