Празникот, сончевото време и снежната покривка беа убав повод на Попова Шапка да дојдат голем број посетители. Иако официјалната скијачка сезона уште не е започната, а ски-лифтовите не работат, триесетината и повеќе сантиметри снег што падна деновиве навестува дека оваа зимска сезона може да биде мошне успешна.
„Годинашнава зимска скијачка сезона ја започнуваме на 15 декември. По тој повод, на 15 и 16 декември секој кој ќе дојде на Попова Шапка ќе може бесплатно да ги користи сите ски-лифтови и жичарници. Во изминативе седум месеци, ние на Попова Шапка инвестиравме на неколку главни точки со кои сакаме да ја подобриме инфраструктурата на ски-центарот. Инвестиравме во нова ски патека долга 2 километра, на која ќе може да има и ноќно скијање. Исто така, за прв пат имаме поставено пет јавни тоалети, за што имаше долгогодишна потреба и барање од посетителите. Изградивме и две бачила, објекти каде скијачите можат да се одморат и да се освежат. Паркирањето на возилата, што е еден од најголемите проблеми на Попова Шапка, го ублаживме така што оспособивме уште два паркинзи со што добивме дополнителни 250 до 300 паркинг места. Исто така, планираме во време на викендите кога посетеноста е најголема, а возилата се паркираат и по неколку колометри подалеку, да воведеме бесплатен бус за превоз на посетителите до скијачките терени“, изјави Авзиу.
Иако во услови на пандемија, направени се огромни работи во делот на подобрување на инфраструктурата, во делот на квалитетот на услугите што ги нуди Попова Шапка, со цел да привлечеме што поголем број домашни, но и странски туристи. Попова Шапка, но и другите туристички центри во државата, можат да станат поконкурентни во регионот.
Извор: sdk.mk