Вложувањето во крипто-средства по правило се смета за високоризично. Високиот ризик што го преземаат лицата кои вложуваат во крипто-средства произлегува од високата променливост на нивната пазарна цена, а што е значително повисока споредено со променливоста на други финансиски и нефинансиски средства, на пример курсевите на суверените валути, приносите на акциите, или, пак, цените на стоките што се предмет на тргување на глобалните пазари (на пример нафтата).
Ова значи дека за краток временски период се можни значителни промени во пазарната цена на крипто-средствата, и тоа како во нагорна, така и во надолна насока.
На пример, пазарната цена на биткоинот, историски анализирано, имала дневни промени коишто се над вообичаените пазарни дневни промени на берзанските индекси или цените на акциите коишто по правило се едноцифрени.
Исто така, различни истражувања укажуваат и на ризикот од формирање т.н. меур (англ. bubble) во пазарната цена на крипто-средствата. На пример, на следнава слика може да се забележат одговорите на испитаници кои се професионални учесници на финансиските пазари за тоа кај кои средства на почетокот од 2021 година постои највисок ризик од појава на т.н. меур во динамиката на нивната пазарна цена. Како што се гледа од сликата, за биткоинот како најпопуларно крипто-средство, на скалата од 0 до 10, каде што 10 е оценка за “екстремен ризик од појава на меур“, е добиена највисока просечна оценка од 8,7, објаснува Народната банка.
Покрај ова, глобалниот пазар на крипто-средства е прилично хетероген, што се потврдува и со фактот дека постојат речиси 7000 крипто-средства, коишто се разликуваат според начинот на нивното создавање или целта за која се издадени. Но, истовремено, глобалниот пазар на крипто-средства е и прилично концентриран, што се потврдува со фактот дека пазарната капитализација на најголемото крипто-средство е околу 68% од вкупната пазарна капитализација на сите крипто-средства, а најголемите десет крипто-средства според пазарната капитализација претставуваат околу 90% од вкупната пазарна капитализација на сите крипто-средства (заклучно со првата половина на јануари 2021 година). Посебен ризик, како од регулаторен, така и од инвеститорски аспект претставува прибирањето средства од широката инвеститорска јавност преку иницијални јавни понуди на крипто-средства (ICOs) за финансирање определени проекти, со цел да се заобиколат важечките регулаторни барања за реализација на иницијални јавни понуди (IPOs) на финансиски инструменти.
Оттука, сите коишто вложуваат треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ефекти од нивните вложувања. Треба да бидат свесни дека вредноста на крипто-средствата може да биде и нула.
Исто така, треба да се напомене дека при вложување во крипто-средства, лицата се изложуваат и на бројни оперативни ризици и други ризици од загуба на нивниот имот, посебно во услови на развој на голем број јавни или приватни децентрализирани инфраструктури врз коишто се заснова поседувањето на крипто-средствата и нивната нерегулираност во глобални рамки. Со оглед на тоа дека издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата зависи од компјутерски системи и софтвери, во оваа сфера многу големо значење имаат ризиците поврзани со дигиталниот простор (т.н. кибер ризици) и можноста за т.н. хакерски напади. Покрај ова, поради високото ниво на анонимност при поседувањето одредени крипто-средства, како и при спроведувањето на трансакциите со крипто-средства, се зголемува и ризикот од перење пари и финансирање тероризам. Со тоа се зголемува ризикот од времено или целосно блокирање на одредени платформи и од замрзнување на дигиталните паричници на клиентите, како резултат на мерки на надлежните органи за спречување перење пари и финансирање тероризам или надлежните органи за истражување финансиски криминал. Исто така, и финансиските институции можат да одбијат спроведување платежни трансакции што се поврзани со вложување во крипто-средства, доколку оценат дека таквите трансакции ги изложуваат нив или нивните клиенти на високо ниво на ризик од перење пари или финансирање тероризам.
Народната банка апелира до потенцијалните инвеститори да внимаваат и да прават разлика и меѓу дигитални валути коишто може да ги издадат централните банки (CBDC) и крипто-средства издадени од приватни субјекти, а чија вредност е поврзана со вредноста на одредена суверена валута (англ. stablecoins). Кај овие крипто-средства (англ. stablecoins), независно што нивната вредност е „покриена“ со одредено портфолио валути, сепак тие секогаш се издаваат од приватни субјекти, според нивни правила. Поради ова, инвеститорите треба да внимаваат за да не се доведат во заблуда или да изградат погрешни очекувања, имајќи ја предвид сличноста на називите и/или карактеристиките на овие два вида дигитални средства, а со тоа да се изложат и на потенцијален ризик од измама.
На својата веб-страница, Народната банка објави одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста. Одговорите на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата, објавени од Народната банка, ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации.
Потребно е да се напомене дека овие одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста во врска со крипто-средствата ги претставуваат ставовите засновани на тековно расположливите информации. Со оглед на тоа дека тематиката поврзана со крипто-средствата на глобален план е во постојан развој, постои веројатност од понатамошно менување и дополнување на искажаните ставови, во зависност од тоа какви стандарди ќе се развиваат во врска со крипто-средствата на глобално ниво.