Ако патувате со автомобил во странство, покрај зелен картон и патничко осигурување неопходно е да имате и меѓународна возачка дозвола чијшто рок на траење истекува за три години.
За летување во земјите од регионот, меѓу кои и Грција и Хрватска, македонските граѓани задолжително треба да поседуваат ваква исправа бидејќи во спротивно може да се соочат со парична казна во висина од околу 200 евра.
Оваа дозвола треба да ја имате и доколку патувате во повеќето земји членки на Европската Унија бидејќи ако управувате со возило без да ја поседувате и во исто време ви се случи некоја сообраќајна незгода, тогаш и да не сте виновен за штетата ќе ја покриете целосно и дополнително ќе платите казна на државата во која во тој момент се наоѓате.
Но, ако патувате во Албанија, Црна Гора, Србија, Бугарија, Словенија, Романија, Италија и Шпанија не мора задолжително да поседувате и меѓународна возачка дозвола бидејќи и националната е доволна затоа што со овие земји Република Македонија има потпишано договор за признавање на национални возачки дозволи.