Агенцијата за цивилно воздухопловство во иднина ќе наплаќа до едно евро од патник кој ќе полета од македонските аеродроми, според новата драфт-верзија на законот за воздухопловство кој се предлага и за кој допрва треба да се дебатира.
Покрај редовните финансиски приходи на овој регулатор кој ги добива од контролата на летање, издавањето на исправи, надоместоци за преглед на воздухоплов и подготовка на персоналот, се предлага и надоместок од секој патник во заминување од аеродромите за, како што се вели, потребите на Агенцијата и за унапредување на воздухопловството.
„Еврото“ ќе се наплаќа од воздухопловните компании, а ќе биде посебно издвоена како трошок на авионските билети.
„Надоместокот авиопревозниците го наплатуваат во свое име, а за сметка на Агенцијата. Овој надоместок не е предмет на оданочување и не претставува приход на авиопревозниците. Авиопревозниците на барање на Агенцијата и доставуваат извештај за бројот на превезени патници во заминување од аеродромите во Република Северна Македонија, за бројот на патници кои се изземени од плаќање на надоместокот од став (1) алинеја 5 на овој член, како и за вкупниот износ на наплатениот надоместок“, се вели во новиот закон кој го предлага Министерството за транспорт и врски.
Оваа такса нема да се наплаќа од патниците кои транзитираат и од децата помали од две години, но и од патници кои летаат со авион со помалку од 20 седишта.
Операторот на аердромите до агенцијата секој месец ќе доставува извештај на патници за секој авиопревозник посебно, а потоа ќе им биде доставена фактура на компаниите со рок на плаќање од 15 дена.
Доколку авиопревозниците одбијат да платат, македонскиот регулатор може да ги забрани нивните воздухоплови во македонскиот воздушен простор или да забрани летање на авиопревозникот.
„Средствата се уплаќаат на сметка на Агенцијата, а се користат за функционирање на Агенцијата, инвестиционо и тековно одржување, за обука и стручно усовршување на вработените и за унапредување на воздухопловството“, се вели во еден од членовите на законот.
Инаку пред ковид-периодот, македонските аеродроми во 2019 забележаа рекордни 2,67 милиони патници.
Извор: faktor.mk