Со заминувањето на медицинскиот персонал, многу здравствени установи останаа без доволно кадар.
Според статистиките, во земјава имаме 270 лекари на 100 илјади жители, што е за 22% помалку од европскиот просек. Во последните 10 години, секоја година си заминувале околу 200 лекари, број кој е еднаков со годишниот просек на студентите кои завршуваат студии по медицина, што значи дека – колку нови лекари дипломираат, толку лекари ја напуштаат земјава на годишно ниво.
„Бегањето“ на лекарите на Запад, заминувањето на лекарите од помал град на клиниките во Скопје, како и приклучувањето на лекарите во политика, придонесе да се затворат бројни одделенија низ болниците. Неодамна во Охрид се затвори Одделот за педијатрија, поради недостиг на педијатри.
Но, за да се ублажи овој недостиг на кадар, особено во помалите градови, Министерството за здравство предложи измена на Законот за здравствена заштита.
Речиси и да не постои болница во земјава која не се соочува со недостиг на медицински персонал. Најголем дефицит има кај офталмолози, уролози, ендокринолози, педијатри, гинеколози и анестезиолози. Последниот Попис на население ќе покаже колку медицински кадар недостига. Дестинациите во кои најмногу претпочитаат да бараат работа лекарите се Германија, Швајцарија, Словенија и Блискиот Исток.
Извор: mk.tv21.tv