Без работа нема независност, и ова е голем проблем за младите во земјава, кои пак во многу истражувања на јавното мислење и анкети ја споменале оваа појава како негативна.
Младите тешко успеваат да станат делумно независни, а уште потешко е да бидат и целосно независни. Дополнително, и општествените прилики не овозможуваат младите брзо да се осамостојат.
Младите на возраст од 15 до 29 години најчесто живеат со родителите и зависат од нив, а во таков случај, не може да стане збор за независност.
Ако зависите од родителите, тогаш која идеја ќе ви биде независна? Младите пружаат отпор, не сакаат да работат за мали плати. Тоа се новите генерации. Тој отпор е пасивен, но сепак е отпор. Тие не се доволно гласни и нивните барања не се артикулирани. Оние кои се опортунистички настроени се зачленуваат во партии, а другите си заминуваат од државата.
Истражувањето кое е спроведено покажува дека 69 отсто од младите одговориле дека сигурната работа им е најважна, а за 60 отсто можностите за професионален развој се најважни. На трето место е платата, и неа како приоритет ја избрале 49 отсто од анкетираните испитаници. Дека би ја напуштиле земјата и би прифатиле работа со пониски квалификации одговориле 48 отсто од младите. Oние кои работат, обично земаат плата пониска од просечната. Младите вработени кои се на возраст до 24 години земаат ниски плати, но истражувањето покажало дека вработените кои се на возраст од 35 до 44 години добиваат највисоки плати.
За разлика од Македонија, во европските земји младите многу побрзо се осамостојуваат и тоа може да се види и од податоците кои ги објавува Евростат. Младите во скандинавските земји најрано заминуваат од домот на родителите. Тотална спротивност имаме во Хрватска и Грција каде младите доцна почнуваат самостоен живот. Според податоци кои претходно беа пласирани во јавноста, 500.000 луѓе досега си заминале од земјата поради економски причини.
Извор: faktor.mk