Во собраниска процедура веќе влезе предлог-законот за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште.
За на граѓаните да им стане појасно кои сметки подлежат на овој закон и како ќе оди отпишувањето на каматите во целост ви ја пренесуваме содржината од новиот закон.
Член 1
Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности (електрична и топлинска енергија, вода и смет), телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, и за кои постојат решенија за извршување издадени од суд заклучно со 1 јули 2011 година, трансферирани кај нотар или извршител согласно одредбите на членовите 13 и 16 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија “ број 83/2009 ) и членот 1 од Законот за изменување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија “ број 88/10).
Предмет на овој закон е отпис на затезната, односно казнена камата која се однесува на главниот долг и трошоците на постапка и истата подлежи на отпис од моментот на поднесување на тужба за наплата на паричен долг (присилна наплата) пред надлежен суд до конечна исплата на паричното побарување вклучувајќи ги и трошоците на постапка од страна на должникот.
Член 2
Одделни поими употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. „Доверител“ е правно лице кое врши дистрибуција и снабдување со електрична или топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, нотар и извршител.
Нотар и извршител се сметаат за доверители само во случај на наплата на трошоците на извршување кои произлегле од присилно извршување на долговите од членот 1 став 1 на овој закон;
2. „Должник“ е физичко лице кое е државјанин на Република Македонија, односно физичко лице коешто не е регистрирано како вршител на дејност (трговец поединец) и кое е корисник на услуги уредени со членот 1 став 1 на овој закон
3. „Долг“ е обврска по основ на главен долг и долгови по однос на трошоци на постапка за искористена електрична или топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, одржување на заедничките простории, наводнување и доводнување, како и затезна, односно казнена камата поврзани со главниот долг како и трошоци за постапката настанати заклучно со 1 јули 2011 година;
4. „Отпис на камата“е ослободување на должникот од обврски за затезна, односно казнена камата, настанати поради ненавремено платен главен долг и трошоци на постапка за услуги во роковите определени со член 1 став 1 од овој закон, од страна на доверителот, кога како должник се јавува физичко лице во смисла на став 1 точката 2 од овој член.
Член 3
Право на отпис на камата остварува секое физичко лице - должник кој ќе изврши уплата на главниот долг и трошоците (судски, нотарски, трошоци на извршување) на постапка во рок од најмногу 12 месеци во зависност од надлежноста на органот за постапување по предметот во моментот на отпочнување на примена на овој закон.
Отпис на долговите се врши врз доброволна основа од страна на доверителот. Доверителите од член 2 став 1 точка 1 од овој закон, основани од Владата на Република Македонија и општините и градот Скопје кои се во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје вршат отпис на побарувањата по основ на наплата на затезната односно казнената камата по главен долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата во согласност со членот 3 од овој закон. Доверителите од член 2 став 1 точка 1 од овој закон, кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата согласно член 3 од овој закон. Доверителите надлежни нотари и адвокати, доброволно одлучуваат на ниво на нивните комори, за отпис на побарувањата по основ на наплата на казнената камата за нивните трошоци на постапката од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата во согласност со член 3 на овој закон.
Член 5
Стекнатото право на отпис на камата од членот 3 на овој закон, должникотфизичко лице го остварува со поднесување на барање до доверителот. Кон барањето должникот приложува и доказ за извршена исплата на главниот долг. Доверителот е должен во рок од 15 дена по приемот на доставениот доказ за извршена уплата на главниот долг, да го извести должникот по писмен пат со препорачана пратка на адресата која е регистрирана кај доверителот, за усвојување (целосно или делумно) или за одбивање на отписот на каматата. Доколку доверителот изврши отпис на каматата, должен е веднаш , но не подоцна од 8 дена по донесената одлука, за истото да го извести нотарот или извршителот кај кого било трансферирано решението за извршување издадено од судот, дека е исплатен главниот долг и извршен е отпис на каматата, заради што бара запирање на постапката пред нотарот или извршителот. Нотарот при повлекување на барањето за трансфер на предметот, постапува согласно член 74 од Законот за нотаријат. Извршителот при повлекување на барањето за трансфер на предметот од судот го запира извршувањето согласно член 93 став 1 алинеа 4 од Законот за извршување. Формата и содржината на барањето од ставот 1 на овој член ги пропишува министерот за финансии, во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој законот
Член 6
Надзор над примената на овој закон врши Министерството за финансии.
Член 7
Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и нотарите (по предмети кои произлегуват од овој закон) и од услуги утврдени со член 1 од овој закон, по претходно прибавено мислење од Комората на извршителите и нотарите, ја донесува министерот за правда во рок од 30 дена од денот на влегување во сила на овој законот, согласно со Законот за нотаријат и Законот за извршување.
Член 8
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува по три месеци од денот на неговото влегување во сила
ИЗВОР: еМагазин