Густата магла и непријатниот мирис повторно ги наговести старите маки на граѓаните со проблематичните ПМ10 честички.
Скопје и оваа зима руши црни рекорди. Главниот град се најде на неславната листа на најзагадени градови во светот – и тоа на четвртото место со 197 микрограми на кубен метар штетни честички, па се најде во друштво со градови како Уланбатар од Монголија, Лахоре од Пакистан и индиски Делхи.
Мапата на апликацијата „Мој Воздух“ покажува дека речиси сите општини во Скопје се обоени во црвено и виолетово, што укажува дека нивото на ПМ10 честички е опасно. Во Кисела Вода, на пример, попладнево во 13 часот биле измерени дури 370 микрограми ПМ10 честички.
Докторите алармираат дека долготрајната изложеност на загаден воздух може значително да го зголеми ризикот од вирусни заболувања – вклучително и од КОВИД-19. Најмногу на удар се децата.
Во пресрет на зимскиот распуст, доктор Зеќири со совет до родителите – колку што можат почесто да ги носат децата на планина каде има чист воздух.
Аерозагадувањето беше повод власта и опозицијата. да си разменат обвинувања. Екс-градоначалникот Шилегов со слика на „Фејсбук“ се пожали на екстремно загадениот воздух. Од кабинетот на градоначалничката Арсовска, пак, испратија соопштение во кое стои дека со Шилегов Скопје станал еден од најзагадените градови во светот и дека сега се работи на издржани решенија за да се реши овој проблем.
Инаку Европската агенција за животна средина во едно од последните истражувања нотираше дека во Македонија годишно умираат 3000 лица како последица од аерозагадувањето.