Владата на Србија донесе одлука семејствата кои ќе добијат второ дете од буџетот да добијат 100.000 динари (850 евра) еднократно, со по 10.000 динари (85 евра) што ќе ги добиваат секој месец во тек на две години. Семејствата кои го очекуваат своето трето дете ќе добиваат 100.000 динари (850 евра) од буџетот, со по 12.000 динари (102 евра) месечно во времетраење од 10 години.
Оваа одлука наиде на бројни поздрави и позитивни коментари на социјалните мрежи.
Додека Србија воведува еднократна помош од 850 евра за семејствата кои ќе добијат второ и трето дете, кај нас ваквата мерка беше укината во 2018 година. Анализите во Министерството за труд и социјална политика покажале дека мерката за додаток за второ и трето дете не дала ефекти врз наталитетот, па затоа парите се пренаменуваат во други категории, односно кон оние групи граѓани кои се социјално загрозени.
„Овој додаток не беше наменет за сиромашните лица, додаток за трето дете добивале семејства кои се во многу добра економска состојба и немало никакво ограничување во однос на ова. Промените кои ги направивме ги отстрануваат овие проблеми и парите се насочени кон вистинските групи граѓани. Во држава со стапка на детска сиромаштија од близу 30 проценти, многу извори покажуваат дека не е целисходно да се издвојуваат толкави средства без притоа значително да се влијае на намалувањето на сиромаштијата“, велат од Министерството.
Оние родители кои веќе стекнале право за ваков надоместок пред укинување на законот, нема да го загубат ова право, односно ќе продолжат да го остваруваат до завршување на период од 10 години за трето односно до 15 години за четврто дете.
Согласно измените на Законот за заштита на децата објавени во Сл. Весник на Република Северна Македонија бр.104/19, правото на родителски додаток за дете (за трето дете) ќе се остварува доколку вкупниот просечен приход на семејството на мајката по сите основи во последните три месеци пред поднесување на барањето за остварување на користење на правото и во текот на користењето на правото е понизок од висината на минималната нето плата утврдена за претходната година, односно во зависност од материјалната состојба, после 10 месеци од влегување во сила на измените, а кој во сила влегоа од денот на објавувањето во сл. Весник на 23 мај 2019 година, - од 23 март 2020 година.
Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од десет години. Висината на правото за 2019 година е во износ од 8.362,00 денари
Повеќе информации на www.mtsp.gov.mk