Да се укине ДДВ-то за струјата за да се намали ударот од поскапувањето на струјата врз граѓаните и компаниите.
Експертите сметаат дека со ДДВ-то за струјата кое ќе се враќа етапно ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем. Оттаму предупредуваат дека за шест месеци кога ДДВ-то ќе се врати на 10 отсто можно е ново зголемување на цената на струјата.
Експертите, пак сметаат дека треба да се укине и ДДВ-то за компаниите кое во моментов изнесува 18 отсто.
Секако дека поскапата струја најмногу ќе ја почувствуваат граѓаните. За да се ублажи ударот од повисоките сметки за струја предлагаме да се укине ДДВ-то за струјата кое во моментов изнесува 5 отсто за домаќинствата и 18 отсто за компаниите, изјави претседателот на Стопанската комора за енергетика.
Инаку, Владата минатата година ДДВ то на струјата за домаќинствата го намали од 18 на 5 отсто, а годинава планира да го врати на 10 отсто кое заедно со повисоките сметки за струја и со укинувањето на дневната евтина тарифа дополнително ќе ги осиромаши македонските граѓани.
Од опозицијата предупредија дека за шест месеци кога ДДВ за струјата ќе се врати на 10 отсто можно е повторно да има зголемување на цената на струјата. Оттаму посочуваат дека ова поскапување ќе ги чини граѓаните уште две нови сметки на годишно ниво.
Електричната енергија освен базичното поскапување, дополнително поскапува и по основ на укинувањето на евтината дневна тарифа. Оттука вкупното поскапување изнесува над 15 отсто. Ако се земе предвид дека намалената стапка на ДДВ ќе се враќа етапно во текот на следната година ударот по семејниот буџет ќе биде уште поголем. Уште полошо поминуваат компаниите кои набавуваа електрична енергија на слободниот пазар. Тие денес плаќаат неколкукратно повисока цена и се на работ на егзистенцијата.
Сепак за власта тоа не е така, сметаат дека со брза и навремена реакција, успеале да спречат ценовен шок за граѓаните и драстично зголемување на цената на струјата.
Со мобилизирањето на сите домашни капацитети за производство на електрична енергија придонесовме цената на струја да се зголеми за 9,48 отсто што е далеку помалку од првичните проекции. Притоа, евтината ноќна тарифа на струјата како и евтината тарифа во недела ќе се задржат, а дополнителни рестрикции нема да има.
Од Владата пак информираат дека преземаат мерки за заштита на ранливите категории граѓани за кои се обезбедени 60 милиони денари. Така околу 7.500 домаќинства со ниски примања во времетраење од 12 месеци ќе добијат намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.
Да потсетиме дека од август 2020 година до денес цената на струјата порасна три пати. Најпрво летото 2020 година струјата поскапи 7,5 отсто, потоа летото 2021 година уште нови 12,5 отсто, засега за 9,48 отсто.
Извор: vecer.press