Откријте кои се вашите силни и слаби страни, каде се кријат можностите за напредок во кариерата, и од каде извира можноста за опасност
Ако чувствувате дека вашата кариера е заглавена во ќорсокак и сакате тоа да го промените, SWOT анализата би можела да ви помогне во тоа. Тоа е популарен аналитички модел кој најчесто се користи за деловна анализа, но може да ви помогне да сфатите што треба да правите кога станува збор за вашата кариера.
Во продолжение можете да дознаете што е лична SWOT анализа, како да ја направите и што можете да научите за себе во тој процес. Што е всушност SWOT анализа?
SWOT анализата ги разгледува силните и слабите страни, можностите и заканите со кои се соочува компанијата. Имено, SWOT е кратенка за Strengths (силни страни), Weaknesses (слаби страни), Opportunities (можности) и (Threats) закани.
Во основа, станува збор за алат за евалуација која може да им помогне на корисниците да ги идентификуваат силните и слабите страни со цел да постигнат раст и да ги идентификуваат областите каде што конкурентите би можеле да имаат предност. SWOT анализите вообичаено ги користат компаниите, но може да се применат и за поединци. Личната SWOT анализа ви помага да го откриете вашиот потенцијал. Но, ќе ви треба прилично високо ниво на емоционална интелигенција за да направите SWOT анализа за себе, особено ако сакате да напредувате во кариерата.
Пример за лична SWOT анализа
Силни страни
За да ги дефинирате вашите силни страни, погледнете ги улогите и идентитетите што сте ги имале во минатото и кои моментално ги имате. Изберете две или три мерливи работи што сте ги постигнале. Фокусирајте се на нивната анализа: „Што беше потребно за да се постигне ова?“. Со други зборови, какви специфични вештини и таленти ви беа потребни за да ги постигнете тие резултати?
Сепак, собирањето информации за себе може да биде малце незгодно. Обидете се да примените тестови за проценка на вештини кои би можеле да ви помогнат да се анализирате себеси. Исто така, прашајте ги колегите и претпоставените во што мислат дека сте добри. Тие можат да ве направат свесни за особините за кои не сте ни размислувале.
Слаби страни
Ако сте биле на интервју во последните 30 години, веројатно ве прашале за вашите слабости. Стандардниот одговор е дека сте перфекционист или дека работите премногу напорно, но менаџерите за човечки ресурси гледаат на тоа подлабоко. Ако сте искрени со себе, веројатно можете да се присетите на некој автентичен пример за вашите слабости за лична SWOT анализа. Обидете се да размислите за грешката што сте ја направиле или за вештината што ви недостасува и што сте направиле или се обидувате да направите за да ја поправите.
На пример, тоа би можело да биде нешто едноставно како на пример спознавањето дека најчесто на работа пристигнувате во последен момент и дека сте исцрпени и дека тоа може да создаде негативна перцепција за вас. Би можеле да се обврзете да си легнувате порано за да имате повеќе време наутро и да одите на работа свежи и полни со енергија.
Друг начин да ги откриете вашите слабости е да ги земете во предвид претходните проценки и повратни информации од вашите соработници, претпоставени и ментори. Можеби ќе најдете шема што ќе ви каже да бидете понаметливи или можеби ќе треба малку да ги усовршите вашите комуникациски вештини.
Најважно е, искрено да се согледате себеси и да си ги признаете своите недостатоци. Секој има нешто што може да го подобри.
Можности
Без оглед на тоа колку сте задоволни од вашата моментална позиција, секогаш треба да бидете проактивни кога станува збор за можни промени. Идентификувајте два или три аспекти од работата што може да ве интересираат.
Некои работи за кои треба да размислите се:
- Каков треба да биде вашиот идеален работодавач?
- Која треба да биде мојата следна улога?
- Кои особини би сакал да ги видам во мојот нов тим и кај шефот?
Откако ќе ги добиете тие одговори, може да размислите да барате работа или да ангажирате агент специјализиран за вашата бранша, кој може да внимава на можностите што се појавуваат, а кои се во согласност со вашите ставови.
Други начини на кои што можете да ги препознаете можностите, бара од вас да бидете проактивни. Вмрежете се, посетете некои курсеви, искористете дополнителни ресурси за да излезете од вашата комфорна зона. Така го поттикнувате вашиот професионален развој.
Закани
Како вработени, се соочувате со различни форми на закани: намалување, отпуштања, канцелариски политики, лоша рамнотежа помеѓу работата и животот, со премали можности за напредување... Сите овие закани се многу реални. Покрај тоа, има многу кандидати со кои се натпреварувате, па мора да бидете свој застапник и да изградите сопствен бренд ако нешто се случи.
Можете да идентификувате потенцијални закани за вашата индустрија, какви професионалци се барани моментално, какви сертификати или вештини ви се потребни за да бидете во можност да бидете во чекор со новите генерации на пазарот на труд.
Прегледајте лична SWOT анализа за секој квартал
Одвојувањето на време за да размислите и да се грижите за вашата конкурентност на пазарот е паметен потег во кариерата. Ако ненадејно ви се јави агент, вие ќе располагате со актуелни информации што можете да ги презентирате (и да ги импресионирате потенцијалните работодавачи).
Користењето на SWOT анализата е исклучително корисна алатка кога станува збор за идентификување на лични и професионални цели. Одвојувањето време за SWOT анализа бара од вас да застанете и да размислите каде сте со кариерата и како би можеле да напредувате.
Бидете активни
Сега кога прилично добро сфативте што е тоа што ве издвојува од другите, што можете да подобрите, како изгледа вашата идеална работа, некои од факторите кои би можеле да го загрозат вашиот напредок во кариерата, време е добро да го искористите тоа знаење. Тогаш започнува вистинската работа: да сфатите што да правите со тие информации.
Но, самосвеста може да биде далекусежна. Штом знаете што правите добро, можете да направите многу повеќе. Познавањето на вашите недостатоци значи дека можете да сфатите како да го надминете тој јаз, без разлика дали се работи за дополнително учење или менување на работните процеси.
Искористете ги ресурсите кои ви се на располагање. Размислете да го контактирате вашиот шеф и да креирате план кој може да вклучува следење на вашата работа, менторство или дополнителни повратни информации за да ви помогнат да се подобрите.
Не застанувајте на личната SWOT анализа
Кога зборуваме за можности, поентата е да откриеме како да се справиме со нив. Тоа може да биде барање работа што се фокусира на вистинските улоги и на компаниите што ги почитувате и им се восхитувате. Или можеби започнување сопствен бизнис.