Британската кралица Елизабета Втора во 2022 година ќе го прослави платинестиот јубилеј - на 6 февруари ќе стане првиот британски монарх кој ќе одбележи 70 години владеење, па Бакингемската палата ги објави сите детали за прославата која ќе трае неколку месеци. Поминаа толку многу години откако таа го презеде тронот во 1952 година како млада 27-годишна. Сега, на 95-годишна возраст, кралицата има многу да очекува, бидејќи целата земја и прекуокеанските британски територии ќе бидат вклучени во прославата на нејзиното владеење.
Бакингемската палата објави план за јубилејот на кралицата, кој ќе вклучува миса на благодарноста во централната катедрала St. Paul's во Лондон, улични забави со најголемите имиња од светот на забавата, концерт во живо во палатата и осветлување на светилници низ земјата и прекуокеанските територии на Обединетото Кралство.
Четиридневен државен празник
За прославата за јубилејот на кралицата, владата одреди четиридневен државен празник, за викендот од четврток, 2 јуни, до недела, 5 јуни. На празникот ќе му претходи голема парада, која ќе се одржи од 12 до 15 мај. Во него, повеќе од 500 коњи и 1.000 изведувачи ќе создадат театарска претстава во замокот Виндзор, каде што ќе се раскажуваат приказни се од владеењето на кралицата Елизабета I до денес.
Но, главните настани се подготвуваат за време на државниот празник. Во текот на 2 јуни, главниот настан ќе биде парадата на роденденот на кралицата, Trooping the Color, со членови на британската и ирската гарда. На парадата ќе учествуваат повеќе од 1.400 офицери и војници, 200 коњи и 400 музичари. Во вечерните часови се планира да бидат осветлени светилници во повеќе од 1.500 села и градови низ Велика Британија, Канарските Острови, Островот Ман и прекуокеанските територии.
Исто така светилници ќе светат во сите главни градови на земјите од Комонвелтот. Во петок, на 3 јуни, во ќе се одржи миса во Катедралата. За време на дијамантскиот јубилеј во 2012 година, прославата за 60 години на тронот, благодарност и пасус од Новиот завет беа прочитани од тогашниот премиер Дејвид Камерон. Сè уште не е објавено дали актуелниот премиер Борис Џонсон ќе биде тој што ќе го стори истото. Во сабота, на 4 јуни, јавноста е поканета на концерт во Бакингемската палата, на кој ќе се соберат некои од најголемите светски ѕвезди. Концертот ќе го следи Би-Би-Си, а илјадници билети ќе бидат достапни за јавноста следниот месец. На претходните јубилејни концерти настапуваа истакнати британски пејачи, меѓу кои и Пол Макартни и Елтон Џон.
Во недела на 5 јуни се планирани големи јубилејни ручеци. Тој ден се очекува да има повеќе од 200.000 забави и прослави, кои ќе се одржуваат паралелно низ Англија, Велс, Шкотска и Северна Ирска. Во попладневните часови, во Лондон ќе се одржи централна церемонија, на која ќе се обединат парадите и уличната уметност на кои ќе бидат прикажани најголемите таленти од сите делови на Обединетото Кралство и од целиот Комонвелт.
За јубилејот веќе има иницијативи и настани пред викендот на државниот празник. Средношколците и основните училишта се поканети да создадат уметнички дела на тема нивната визија за планетата во следните 70 години.
Објавен е и конкурс за пекари
Изборот на делата ќе биде отпечатен на свилени знамиња што ќе бидат поставени на улицата што води до палатата на кралицата. Во тек е проектот "Queen's Green Canopy", со кој се бара од јавноста да засади дрво, а секое садење е снимено на дигитална мапа што ќе и биде претставена на кралицата на крајот на годината. Од почетокот на сезоната на садење, ширум Велика Британија се засадени 60.000 дрвја. По повод јубилејот беше распишан пекарски конкурс со цел да се пронајде платинест пудинг. Жирито ќе ги оценува пристигнатите рецепти на жителите низ државата, а победничкиот рецепт ќе се готви на јубилејните ручеци.
На повеќето настани ќе бидат присутни членовите на кралското семејство, но уште не е познато на кои настани ќе присуствува кралицата. Нејзиниот медицински тим ја советуваше да одмори неколку недели по престојот во болница во октомври. Кралицата неодамна претрпе голема загуба бидејќи нејзиниот сопруг, принцот Филип, кого го нарече „моја сила и поддршка“, почина во април 2021 година.