МЖ Транспорт се бори со недостаток на работници. Најмногу недостасуваат машиновозачи. Од независниот синдикат велат дека во моментов, располагаат со 60 тина машиновозачи, но за брзо бројката ќе биде намалена за 20 лица, кои треба да заминат во пензија.
Просечната возраст на машиновозачите кои се дел од претпријатието е над 50 години. Посочија дека за нормално фунцкионирање на сообраќајот, недостасуваат најмалку 40 нови машиновозачи. Ако не се најдат барем половина, функционирањето ќе биде многу потешко.
Бидејќи недостасуваат машиновозачи, тешко може да се направи и распоред. За проблемот известени се сите засегнати страни. Затоа што има недостарток на кадар, не може да се запазат некои правила на фирмата, не може да се запази редоследот за одмор помеѓу две смени, а со тоа се загрозува безбедноста во сообраќајот. Лошо е и за патниците, но може да се направат и големи материјални штети за претпријатието. Освен машиновозачи, фалат и маневристи, кондуктери, извршен персонал. Потребно е веднаш да се отвори конкурс и да се најде нов и млад кадар за работа, и да се продолжат договорите на оние лица кои до сега беа дел од претпријатието.
Треба да се вложува во железницата, затоа што таа е една важна алка во транспортниот сообраќај. Просечната брзина на возовите кои се користат е 55 километри. На некои места, но тоа е многу ретко, може да се движат и со 100 километри на час. За Денар велат дека ќе се превземат сите механизми, да се подобри состојбата со кадар за работа во МЖ Транспорт.
Инаку , во изминатиот период машинскиот персонал на претпријатието, неколку пати протестираше со целосно блокирање на железничкиот сообраќај поради неисплаќање на вториот дел од платите. Засега, велат проблеми нема, но ако се повторат ќе бидат принудени повторно да ги запрат возовите. Тие веќе неколку пати побараа платата да ја добиваат во целост, а не во делови.
За разлика од сега, во минатото железничкиот сообраќај патниците го користеле секојдневно и тоа на релации и надвор од земјава. Сега, главните дестинации за кои се користат возовите се од Скопје до Гевгелија и Битола. Распоредот на линиите е прилично помал, а бројот на дестинации значително намален.
Извор: denar.mk