Мила Николиќ од Куманово е млад софтверски инженер по роботика во израелска компанија која работи на развивање на навигационен систем за планирање хируршки процедури на ‘рбет со помош на вештачка интелигенција.
Мила има 24 години, и по завршувањето на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје, насока компјутерско системско инженерство, автоматика и роботика, веќе 2 години е дел од тимот на меѓународната компанија Pathkeeper Surgical, која има претставништво во Македонија и во Израел.
Работи во Одделот за процесирање на слика и објаснува дека системот кој што го развива оваа компaнија ќе му овозможи на хирургот многу попрецизно да ја спроведе хируршката интервенција, при што пациентот ќе биде изложен на помало јонизирачко зрачење. Всушност, преку овој систем ќе се намалат снимањата на компјутерска томографија, благодарение на вештачката интелигенција.
„Нашата задача е да ги обработиме снимките од компјутерска томографија и да добиеме 3Д модел на ‘рбетот. Целта ни е да му помогнеме на хирургот додека врши операција на ‘рбет. Нашиот систем го следи инструментот на хирургот и го насочува да дојде до местото за кое е планирана интервенцијата. За време на операцијата, 3Д камерата ја дава моменталната позиција која треба да се прилагоди со 3Д моделот, да се поклопат снимката и 3Д моделот, за да се најде точната позиција од планирањето. Самиот систем нуди голема прецизност, дури под 0,5 милиметри. Исто така, намалена е изложеноста на човекот од јонизирачко зрачење, бидејќи потребна е само една снимка од компјутерска томографија. Нема потреба од присуство на овој апарат во операционата сала, а со тоа и нема потреба од неколку снимки во текот на самата операција. Бенефитите во здравството од овој систем се големи“, објаснува Николиќ.
Последната година нејзиниот тим во компанијата има направено и неколку клинички тестови со системот во САД, Велика Британија и Израел, а во план е таков тест да се изврши и во Македонија.
„Се стремиме да добиеме лиценца за ФДА (Агенција за храна и лекови на САД) стандард за да може да излеземе на пазарот. Системот е сè поблизок до финален продукт за пазарот што многу ме радува“, истакнува Николиќ.
Младата научничка се надева дека реалноста и брзиот развој, кои што ги живеат поразвиените земји каде роботските раце веќе се вклучени во асистенција во здравството, ќе ја забрза примената на технологијата и кај нас. Смета дека брзиот развој на вештачката интелигенција нема да ги загрози работни места на лекарите, бидејќи роботите ја преземаат механичката работа од нивните раце, а не суштинската.
„Во медицината, роботот уште ништо сам не одлучува. Роботите денес ја имаат преземено механичката работа од професиите, се` со цел да се намали времетраењето и да се зголеми ефикасноста на било кој процес. Развојот на вештачката интелигенција оди прилично брзо и во насока да му биде од корист на човекот. Но, мора да се знае дека човекот е тој кој го програмира роботот, ја развива вештачката интелигенција и мислам дека има контрола за насоката во која се развива. Свесни сме дека кога излезе првиот телефон никој не очекуваше дека за неколку години ќе ни бидe асистент. Човештвото го плаши се` она што му е непознато и нејасно, и тоа е во ред“, вели Мила.
Таа е презадоволна и горда на себе за својот успех, а посебно е благодарна на тимот со кој учат заеднички, но и од доста поискусни колеги со кои има можност да работи на нејзината професионална надградба.
„Ја најдов работата за која не верував дека постои во нашата држава и учам од најдобрите. Во Израел се CEO, CTO и проект менаџер, имаме и доктори од неколку земји со кои се советуваме за развојот и заеднички учиме. Кога градиш нешто од нула знае да биде напорно, ама од друга страна ја имаш слободата да го покажеш своето знаење “, додава оваа млада девојка.
За раѓањето на љубовта кон роботиката, Мила вели дека е плод на љубопитноста и фасцинацијата којашто ја имала уште од мали нозе кога се воодушевувала на самата помисла дека може да се создаде нешто слично на човекот. Свесна е дека ја чекаат уште многу искуства и уште многу знаења. А за успехот досега, вели дека рецептот е упорност, доследност, трпение и верба. Во последната година, ситуацијата со ковид вирусот и помогнала да созрее и на личен и на професионален план. Почнала повеќе да се слуша себеси и да се грижи за себе, а се надградувала и со нови знаења и искуства. Секој предизвик ја научил на многу работи што ќе и служат во иднина. Планира да запише магистерски студии, но засега не знам дали тоа ќе биде тука или надвор од државата.
Пред да стане професионалец во технологијата, имала голема љубов кон новинарството и актерството, но победиле бројките, програмирањето и математиката.
Извор: sdk.mk