Економските активности во ТИРЗ во 2021 година се највисоки досега од постоењето на Зоните, а со новиот концепт за привлекување на инвестиции воведен пред една година се постигнати договори од речиси 190 милиони евра, покажува годишната анализа.
Според анализата само со овие нови инвестиции до 2025 година во ТИРЗ ќе има раст од 19% на бројот на вработувања, на над 16.000, раст на приходите кај компаниите за 100%, односно за 3.200.000.000 евра, а во следните 10 години приходите во буџетот на годишно ниво ќе се слеат дополнителни 150 милиони евра, што е за речиси 400% повеќе споредено со 2020 година.
Компаниите во ТИРЗ во 2021 достигнаа највисок извоз од 3 милијарди евра за една година што е рекордно ниво досега од постоењето на Зоните. Ова е за 15% повеќе споредено со 2020 година, и за 6,5% повеќе од 2019 која досега беше рекордна извозна година. И во однос на увозот достигнат е рекорд од речиси 2.9 милијарди евра што е за 31% повеќе од лани, односно над 12% повисок од 2019 година. И нето извозот е во позитива од над 2%. Раст од 8,14% има и кај бројот на вработени во просек споредено со 2020 година, а во зоните во моментов работат 14.000 лица.
ТИРЗ годинава има спроведено и неколку нови проекти меѓу кои и старт на новиот Зелен стратешки инвестициски фонд кој треба да поттикне „зелени“ инвестиции од 750 милиони евра, а за кој веќе се изготвени три конкретни проекти во енергетскиот сектор. Воведен е и нов систем за грижа на корисници кој нуди персонализирана поддршка на компаниите а преку кој веќе се процесуирани над 3000 нивни барања.
Во 2022 ќе се реализираат повеќе иницијативи, меѓу кои воведување на програми за домашни компании, заедно со меѓународната корпорација ИФЦ наменети за технолошко унапредување и можност за вмрежување на домашните компании во синџирот на набавки, потоа програма за поттикнување на раст на продуктивност наменета за развој на вештини и поттикнување на продуктивноста на работниците и компаниите.
извор: lokalno.mk