Во услови на рекорден број на регистрирани автомобили на скопските улици и константно намалување на бројот на превезени патници во јавниот превоз, во Скопје веќе четврта година по ред не функционира системот за изнајмување на велосипеди.
Велосипедската инфраструктура и поттикнувањето на граѓаните да го користат велосипедот е еден од најголемите приоритети на градот.
Кога е велосипедизмот во прашање, Градот Скопје за 2022 година има предвидено 15 милиони денари за субвенции за купување на велосипеди, тротинети и електрични возила на две тркала. Сепак, во доставените одговори од градската власт не е наведено дали годинава се предвидени средства за воведување на системот за изнајмување велосипеди во главниот град.
Во 2020 година, Градот Скопје работеше на проектирање на автоматизираниот систем за изнајмување велосипеди, со кој граѓаните со кредитна картичка или СМС порака ќе можат да земат јавен велосипед на еден од 30-те планирани пунктови во Скопје, да се возат низ градот со ова превозно средство и да го вратат назад на било кој друг пункт. Идејата беше пунктовите за изнајмување на велосипеди да се постават на најпрометните локации низ Скопје, така што би им се овозможило на граѓаните со велосипед да завршат работни обврски, да пазаруваат, да одат на школо или да се рекреираат.
Сепак, ваквиот систем не беше воведен, а претходното градско раководство појаснуваше дека треба да се пронајде оптимално решение за реализација, со кое нема да се повторат грешките на ЈП „Градски паркинг“ од пред 10 години, кога поради несоодветната набавка и понуда дошло до пропаѓање на проектот. Градот Скопје преку ЈП „Градски паркинг“ на почетокот од минатата година ги стави на продажба обичните велосипеди, тротинетите и електричните велосипеди кои беа набавени за изнајмување од претходни проекти.
Мета.мк веќе подолг период наназад пишува дека Скопје е еден од ретките главни градови во Европа што нема јавен систем за изнајмување велосипеди и тротинети. На пример, во Љубљана системот за изнајмување велосипеди „BicikeLJ“ функционира од 2011 година и до денешен ден има над 60 пунктови и 600 јавни велосипеди за изнајмување, а првиот час од користењето на овие велосипеди низ Љубљана е бесплатно.
Извор: meta.mk