Бугарија го ограничи влезот во земјата за македонските државјани почнувајќи од среда, 19 јануари.
Се наведува дека одлуката е донесена поради влошената епидемиолошка ситуација во Бугарија и во Европа. Станува збор за забрана за влез за сите таканаречени не-есенцијални патувања, а исклучок ќе има за медицинските лица, хуманитарните работници, студентите, лицата со регулиран престој, делегациите.
Македонското Министерство за надворешни работи соопшти дека е во постојана комуникација со надлежни институции во Бугарија и колегите во бугарското Министерството за надворешни работи, со цел замена на постојното решение кое може да предизвика сериозен застој во интензивната комуникација на граѓаните од двете земји.
„Информираме дека до стартот на имплементацијата на целосна забрана на 19 јануари, очекуваме напорите да вродат со плод, и постојното решение да биде заменето со нова одлука со која нашите државјани ќе можат да влезат во Република Бугарија и за таканаречените не-есенцијални потреби, и тоа со сертификат за извршена вакцинација или прележана болест, и негативен ПЦР тест, не постар од 72 часа. Во било кој случај, условите за влез на малолетни лица од 12 до 18 години исто така се променети, и тие исто така ќе треба да ги приложуваат горенаведените документи при влез. За лица кои не ги почитуваат опишаните правила, следува 10 дневен карантин“, информираат од МНР.
Министерството ги предупреди граѓаните кои планираат да патуваат во Република Бугарија од задутре 19 јануари па натаму, внимателно да ги следат официјалните објави од Министерството за надворешни работи, со цел да не се доведат во ситуација да бидат вратени од страна на пограничните власти во Бугарија.