Одложувањето на почетокот на второто полугодие нема да влијае на крајот на учебната година и со адаптација на наставните планови таа ќе заврши на 10 јуни како што е и предвидено во календарот за наставна програма.
Почетокот на второто полугодие од оваа учебна година се одложува и наместо од 20 јануари, наставата за учениците од основните и средните училишта ќе продолжи од 1 февруари.
Оваа одлука е донесена на вечерашната владина седница откако претходно таков предлог до Владата достави Главниот координативен кризен штаб за справување со ковид-пандемијата.
„Владата донесе одлука почетокот на второто полугодие на учебната година за основните и средните училишта да се одложи, односно наставата со физичко присуство да продолжи на 1 февруари, согласно заклучокот од Главниот координативен кризен ковид-19 штаб и согласно епидемиолошките информации дека земјата се наоѓа во пик на заразата“,
соопштија од Владата по седницата.
Ова, велат оттаму, нема да влијае на крајот на учебната година и со адаптација на наставните планови таа ќе заврши на 10 јуни како што е и предвидено во календарот за наставна програма.
Владата ги задолжила и министерствата за здравство и за образование и наука, како и секторот за односи со јавноста и јавниот сервис МРТ да укажуваат и упатуваат апели до учениците и родители максимално да се придржуваат до препораките за заштита од ковид-19.
извор: 360stepeni.mk