Туристичките текови ширум светот се очекува да се вратат на нивоата пред пандемијата не порано од 2024-та година, соопшти Светската туристичка организација на Обединетите нации.
Високо заразната верзија на омикрон, иако блага, ќе го „наруши закрепнувањето“ на почетокот на 2022-ра година, откако во мината година беше забележано зголемувањето од 4 отсто во споредба со 2020-та, според Светскиот барометар за туризам на ОН со седиште во Мадрид.
Приходите од туризмот во 2020-та година се намалени за 72 отсто во однос на претходната година, која заврши со избивање на пандемијата на коронавирусот.
„Темпото на закрепнување останува бавно и нерамномерно низ регионите во светот поради различните степени на ограничувања на мобилноста, стапките на вакцинација и довербата на патниците“, се вели во соопштението на агенцијата.
Во Европа и Северна и Јужна Америка туристите минатата година се зголемени за 19% односно 17% во однос на 2020-та година.
На Блискиот исток, пак, тие се намалени за 24% во 2021-ва година, додека во азиско-пацифичкиот регион се намалени со 65% под нивоата од 2020-та година и 94% помалку од нивото пред пандемијата.
Во соопштението се вели дека туристичките експерти „гледаат малку подобри изгледи“ за оваа година по превирањата во првите месеци поради бранот на омикрон.