Земјите од Западен Балкан и натаму остануваат под просекот на Европската Унија во однос на голем број статистички варијабли.
Ако се земат во предвид платите на работниците, Албанија е закована на дното на европската листа како земја во која работниците имаат најниски плати и покрај тоа што имаат најмногу работни часови во Европа.
Анализирајќи ја продуктивноста на работниците, порталот Ал Џезеира објави дека највисока продуктивност имаат хрватските работници со 2.008 работни часови и саатница од 27,19 долари. На второто место е Црна Гора со 2.112 работни часови и саатница од 22,05 долари. Македонија е рангирана на трето место со 1.900 работни часови и саатница од 20,22 долари. Претпоследното место го држи Србија со 2.088 работни часови и заработка од само 13,48 долари по час и последна е Албанија со дури 2.231 работен час и заработка од 12,34 долари.
Продуктивноста се пресметува како однос помеѓу износот на БДП и работните часови.
Споредба со високоразвиените земји
Работниците во Ирска заработуваат (83,1 долари) три пати повеќе од хрватските работници. Следуваат Луксембург (81,2 долари), Норвешка (79,2 долари), Белгија (64,6 долари) и Данска (63,5 долари).
Германија се наоѓа на 9-то место (59,9 долари), а САД (63,3 долари), Холандија (61,7 долар) и Франција (60 долари) се наоѓаат над неа.
На десеттото место се наоѓаат швајцарските работници со саатница од 58 долари.
Дали резултатите се издржани?
Треба да се пријде со голема доза на претпазливост кога се споредува продуктивноста на работниците и нивната реална саатница. Истражувањето покажува дека во Република Македонија просечната продуктивност на еден работник е 20,22 долари од работен час, меѓутоа знаеме дека саатницата е многу пониска во реалноста.
Разликата се должи на тоа што овие податоци го покажуваат просечниот удел на секој работник во формирањето на бруто домашниот производ. Колку поголем е износот на бруто домашниот производ, до толку ќе биде поголема и продуктивноста на работниците.