Повторно дозволена музика во баровите и рестораните
Грција ќе ублажи дел од рестриктивните мерки што ги донесе минатиот месец поради пандемијата, па музиката повторно ќе биде дозволена во баровите и рестораните.
Тоа денеска го соопштија грчките власти, посочувајќи дека одлучиле да ги омекнат мерките бидејќи се намалува притисокот врз болниците.
Тие потсетуваат дека минатиот месец беа преземени мерки за да не работат баровите, ноќните клубови и рестораните на полноќ, беше забрането стоење во клубови и пуштање музика, пренесе Ројтерс.
– Одлучивме да ги ублажиме ограничувањата, имајќи го предвид текот на пандемијата во однос на бројот на случаи кои се намалени во последните недели – рече министерот за здравство Танос Плеврис во телевизиско обраќање.
Тој посочи дека и покрај постојаниот притисок врз здравствениот систем, стапката на прием и отпуштање од болниците и пократкото времетраење и полесна слика на болеста предизвикана од сојот омикрон во однос на делта сојот им овозможи на властите да ги олеснат ограничувањата.
Ограничувањата на капацитетот остануваат на сила за спортски настани, додека двојната маска е задолжителна во супермаркетите и транспортот.