Владата на својата осма седница донесе одлука до 28 февруари 2022 година да продолжи важноста на мерката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенините.
Како што соопшти владината Прес-служба, со оваа одлука највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст, како акциски попуст, снижувања или распродажба, кои важеле на 1 декември 2021 година.
– Оваа интервентна мерка на пазарот, која започна да се применува од 6 декември 2021 година ќе продолжи да се применува до 28 февруари 2022 година, се додава во соопштението.