Новите законски измени предвидуваат дополнителни давачки за спортските обложувалници коишто се сериозна закана за обложувачкиот бизнис во Македонија.
Имено, државата планира со новиот закон да ги задолжи обложувалниците покрај актуелните давачки да плаќаат дополнителни 1.600 евра за секое уплатно место, што според Асоцијацијата на спортски обложувалници е огромна давачка која ќе ги зголеми месечните расходи за 35 до 40 отсто.
Покрај воведувањето на новата давачка, во предлог-законот се предвидува и двојно до тројно зголемување на давачките за лиценци со воведување на принцип на дополнителни лиценци за секои нови 50 уплатно-исплатени места, зголемување на банковите гаранции од 300.000 евра на 500.000 евра, и тоа по поединечна лиценца, двојно зголемување на казнените одредби и жестоки нови надоместоци на име на проценка на ризик од Управата за финансиско разузнавање.
Преостанува да видиме дали и како новите законски измени ќе се одразат на обложувачите.