Врнежите од снег и ниските температури примамија повеќе туристи во зимските центри, чии претставници посочуваат дека се задоволни од досегашната посетеност. Тие велат дека во јануари капацитетите биле целосно исполнети, а очекуваат солидна посетеност и следниот месец, и покрај почнувањето на второто полугодие од учебната година. Сепак, инволвираните во оваа туристичка дејност додаваат дека на овие центри им се потребни дополнителни содржини и понуди што ќе привлекуваат туристи и во текот на целата година, не само во зимските или летните месеци.
Полни се и викенд-куќите поради снегот и поради продолжениот училиштен распуст за учениците. Oчекувањата се дека и наредниот месец, февруари, ќе биде многу ефективен месец. Традицијата на скијањето покажува дека, генерално, овој месец е најпосетен поради идеалните услови за скијање во Маврово.
Слично искуство имаат и хотелите или сместувачките капацитети и во помалите ски-центри во Македонија, како Пониква и Крушево, чии претставници потенцираат дека ги радува зголемената посетеност, но апелираат да се најдат модели за да има гости низ целата година.
Неопходно е подобрување на инфраструктурата. Полесна достапност, повеќе гости. Но потребни се и повеќе содржини за туристите, содржини што ќе привлекуваат гости и во пролетните или есенските месеци. За да го постигнеме тоа, треба да работат сите што на некој начин се поврзани или инволвирани во туристичката дејност. Иако во скијачкиот центар е инвестирано во топови за вештачки снег, тие не работат секоја година, бидејќи се потребни предуслови, кои претходните години ги немаше поради високите температури. Но затоа мора сите заедно да осмислуваме содржини што ќе ги примамат гостите.
Пониква е единствен зимски центар во Источна Македонија и има голем потенцијал, но треба сите да работиме за да создадеме привлечна дестинација – додава нашиот соговорник.
Тој потенцира дека работењето или посетеноста само во одредени месеци од година е проблематично за туристичко-угостителската дејност, бидејќи се создаваат проблеми во снабдувањето, но и проблеми за зачувување на работниците, што може да се одрази и врз услугата што ја нудат.
Сличен став имаат и претставниците на приватните капацитети за сместување од Крушево, од каде што велат дека од година на година посетеноста е сѐ поголема. Тие посочуваат дека секојдневно се бараат слободни кревети и дека има голем интерес и за февруари.
Недостига да се осмислат содржини што ќе привлечат посетители во пролетните и есенските месеци, кога имаме затишје. За да бидат одржливи бизнисите, мора да наоѓаме начини за повеќе гости низ целата година.
извор: novamakedonija.com.mk