Белгиската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Софи Вилмес вчера го претстави новиот белгиски пасош. Според белгиското Министерство за надворешни работи (МНР), документот содржи нови безбедносни техники што го прават посигурен, како и нов оригинален дизајн што го прави попрепознатлив. Имено, идните пасоши ќе ги претставуваат бисерите на белгиската култура – хероините и хероите од домашните стрипови.
Во делот за лични податоци е вметната ракетата од легендарниот стрип Тинтин „Дестинација: Месечината“ (франц. Objectif Lune, ang. Destination Moon) чија огромна копија е поставена и како маскота во холот на аеродромот во Брисел.
На внатрешните страници од пасошот стилизирано, покрај Тинтин и капетан Хадок се вметнати препознатливи познати сцени од низа други легендарни белгиски стрипови меѓу кои и стјуардесата Наташа, Марсупилами, Марко и Шарко (ориг. Бил и Бул), Блејк и Мортимер, Штрумпфовите, Таличниот Том и браќата Далтони (ориг. Лаки Лук), Спиру и Фантазио…
Белгиското МНР објави дека новиот пасош е направен во соработка со издавачките куќи и сопствениците на авторски права за стриповите. По повод издавањето на новиот пасош, во Музејот на уметноста на стрипот во Брисел е поставена и привремена изложба на таа тема.
Во својата официјална изјава, вицепремиерката и министерка за надворешни работи Софи Вилмес посочи:
„БЕЛГИСКИОТ ПАСОШ Е ЕДЕН ОД НАЈДОБРИТЕ НА СВЕТОТ И НИЕ СЕ ГОРДЕЕМЕ СО НЕГО, НО ТОЈ ИСТО ТАКА Е НА МЕТА НА ФАЛСИФИКАТОРИ. ЗАТОА НИЕ ПОСТОЈАНО РАБОТИМЕ ДА ЈА ПОДОБРИМЕ НЕГОВАТА СИГУРНОСТ. ВОВЕДУВАЊЕТО НА ОВОЈ НОВ ПАСОШ Е ИСТО ТАКА МОЖНОСТ ДА ЈА ИСТАКНЕМЕ ДЕВЕТТАТА УМЕТНОСТ, СТРИПОТ, КОЈ Е ЦЕНТРАЛЕН ЕЛЕМЕНТ НА НАШАТА КУЛТУРА И НА НАШЕТО МЕЃУНАРОДНО ВЛИЈАНИЕ. БИ САКАЛА ДА СЕ ЗАБЛАГОДАРАМ НА ИЗДАВАЧИТЕ, АВТОРИТЕ И СОПСТВЕНИЦИТЕ НА АВТОРСКИ ПРАВА ШТО СЕ СОГЛАСИЈА ДА УЧЕСТВУВААТ ВО ОВОЈ ПРОЕКТ. НАЈПОСЛЕ, НЕШТО ШТО И МЕНЕ МИ Е ВАЖНО: КВАЛИТЕТОТ И БЕЗБЕДНОСТА НА ПАСОШОТ СЕ ЗАЈАКНАТИ, НО ТОА НЕ ЗНАЧИ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНАТА КОЈА МНР ЈА НАПЛАТУВА НА ГРАЃАНИТЕ. ВО КОНТЕКСТ НА ОПШТОТО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЦЕНИТЕ, ОВА Е СИЛЕН ГЕСТ ШТО ЌЕ ИМ ДОНЕСЕ ПОЛЗА НА СИТЕ ГРАЃАНИ.“
Цената која граѓаните на Кралството Белгија треба да ја платат при вадење нов пасош е 65 евра за возрасни и 35 евра за малолетници, плус општински данок. Пасошот важи седум години за возрасни и пет години за деца и по стандардна процедура се издава за пет работни дена, а по итна процедура поврзана со плаќање дополнителни трошоци – за еден или дури истиот ден.
извор: meta.mk