Финска од утре ќе почне да ги олеснува ограничувањата воведени поради коронавирусот, а сите мерки ќе бидат укинати во рок од еден месец, изјави денеска премиерката Сана Марин.
Граничните контроли за оние кои доаѓаат во Финска од земјите во Шенген зоната ќе бидат укинати од почетокот на февруари. Во моментов потребно е на граница да се покаже сертификат за вакцинација, заедно со негативен резултат од ПЦР тест.
Од утре во Финска ќе може да се влезе или со ковид-сертификат или со потврда за прележана болест или со негативен резултат од ПЦР тест не постар од 72 часа. Овој услов ќе важи за сите родени пред 2006 година. Ќе се ублажат и мерките за ресторани и настани каде што ризикот од ширење на коронавирусот се смета за низок.
Регионалните и локалните власти добија инструкции да престанат да затвораат места со низок ризик, вклучително и театри и спортски сали, од утре, 1 февруари, и да прекинат со откажувања на настани.
Од почетокот на февруари рестораните ќе можат да работат до 21 часот, наместо досега 18 часот. Послужувањето алкохол ќе мора да престане најдоцна до 20 часот, наместо до 17 часот, како досега. Баровите и пазарите ќе продолжат да затвораат во 18 часот.