Од здружението за работнички права „Гласен текстилец“, кое ги следи состојбите во текстилната индустрија во Источна Македонија, вели дека работници одат на работа и болни, оти газдите многу им кратат од платата ако се на боледување.
„Има огромен дел на фирми кои не ги прифаќаат боледувањата од матичните лекари, ниту боледувањата се плаќаат онака како што треба. Моментално сега имаме пријави од работници од крајниот Источен регион каде работници се жалат дека поради тоа што две недели биле на боледување, платата им е 7000 денари. Последниот случај од сабајле ни е за работничка која е пријавена на минимална плата од 15.200, а работничката била на боледување две недели од корона и платата сега и е 7000 денари“, велат од Гласен текстилец.
По препорака на Комисијата за спречување на заразни болести, Владата пред една недела го намали периодот на изолација на луѓето со ковид на седум дена. Според податоците на Институтот за јавно здравје, за изминатата недела најмногу од заболените се на возраст од 30 до 39 години, односно луѓе кои би требало да се во работен однос. Заклучно со податоците до 2 февруари, во земјава има над 14 илјади активни случаи на заразени со ковид-19. А има пораст и на бројот на хоспитализирани. Сега има околу 670 луѓе во болница, што е за стотина повеќе од претходната недела.
Податоците покажуваат дека индустријата не се опоравила од пандемијата, па така индустриското производство во декември лани во споредба со истиот период од 2020 е помало за пет проценти, а најголем пад е регистриран во преработувачката индустрија од 9,1 отсто. Има намалување на производство на пијалаци, текстил, облека, основни фармацевтски производи, препарати, метали, како и производство на моторни возила, приколки и полуприколки. Бројот на работници во индустријата пак е намален за три проценти. Најголем пад има во рударството од шест процени и над три проценти пад во преработувачката индустрија.
Индустриското производство во 2020, пак во споредба со годината претходно пораснала само за незначителен еден и пол процент.
извор: slobodnaevropa.mk