Не мора да си програмер или банкар за твојата плата да е поголема од 1000 евра
Ова го потврдуваат двајца скопјани кои за Скопје Инфо раскажуваат дека работат по 12 часови на денот, но платата на месечно ниво им достигнува и до 1500 евра. Велат дека имаат висока стручна подготовка, но за конкретната работа, таа воопшто не е потребна.
За предизвиците и спецификите на работните професии и разговараме со еден бербер и таксист од Скопје. Тие се потврда за онаа реченица која често ја слушаме во последно време, дека веројатно работа има, но нема кој да ја работи.
Марио дипломирал на факултет за физичка култура, скоро цел живот се занимава со спорт и работи како бербер во познат скопски салон.
Берберот Марио вели дека веќе скоро една година е во овој бизнис кој брзо го научил и усовршил. Низ неговите вешти раце дневно поминуваат и повеќе од 20 луѓе. Кога ќе го одбиеш редовните трошоци, платата на месечно ниво изнесува околу 1500 евра.
- Напорно е и тешко во текот на целиот ден, по 12 часови да стоиш на нозе. Но, трудот и маката се исплатат. Уживам во ова што го работам, а платата е важна мотивација за мене. Спортот може да биде хоби, но треба премногу да бидеш успешен за добро да заработуваш од него, вели тој.
Додава дека клучно е да го научиш односот со луѓето со кои секојдневно комуницираш, односно луѓето кои ги подстрижуваш. Сите брзаат и имаат ограничено време, треба да бидеш точен и одговорен во тој поглед, додава тој.
Драган има поинаква професија. Тој е дипломиран инженер по металгургија, но неговиот работен ден речиси цел го поминува во автомобил. Драган е таксист во една од скопските компании. Работи по 12 часови на ден и неговите месечни приходи исто така достигнуваат до 1500 евра.
Драган вели дека во оваа професија приходите зависат од твојата желба за работа. Ако работиш по 5 часови, но со 12 часови работа може да се стигне до добра заработувачка. Додава дека работата е тешка и напорна, но вреди човек да се вложи во тоа.
Искрено вели дека се помалку луѓе имаат интерес за оваа професија, бидејќи е тешка, напорна и ризична и тоа е причината поради која во Скопје тешко се наоѓа такси возило. Но, неговиот став е дека луѓето се мрзеливи и не сакаат да работат.
Во текот на денот имаш близок контакт со повеќе од 50 луѓе. Секој човек е различен и секој контакт носи посебен ризик. Дополнително, сообраќајот во Скопје а навистина хаотичен и човек треба да биде внимателен. Но, кога ќе направиш математика на крајот на месецот ќе сфатиш дека живееме во држава каде платите се ниски и оваа заработка е далеку над просечната, заклучува тој.