И викендов хаос на Средно Водно со преголемиот број на возила што непрописно се паркираат.
Најголем дел од граѓаните одат на Водно со автомобили, коишто надвор од секакви правила ги паркираат на патните правци меѓу Долно и Средно Водно и меѓу Средно Водно и Нерези. Поради ова, автобусите 25, 25А и 25Б вчера едвај се разминуваа од паркираните возила, а полицијата повторно мораше да спречува движење со возила кон Средно Водно кај хотелот „Панорамика“.
Идентична беше и сликата на патот меѓу Средно Водно и Нерези, каде што тесниот коловоз и паркираните возила на патот се опасност за движење на граѓаните кои го користат викендот за рекреирање на Водно. Рекреативците немаат простор каде да се движат поради непрописно паркираните возила.
Инаку, како и минатите викенди, бесплатните автобуси на ЈСП-Скопје возеа полупразни кон Средно Водно, иако на големиот паркинг спроти Дом на печат имаше голем број на слободни паркинг места. Сообраќајниот хаос на Средно Водно изминативе викенди делумно го предизвикува и жичарата, односно големиот интерес на граѓаните да се возат со неа доведува до дополнителни возила што се упатуваат кон локацијата.
извор: meta.mk