Премиерот вечерва обелодени дека е постигнат договор за минималната плата од 18.000 денари.
Премиерот Димитар Ковачевски по средбата на Економско социјалниот совет во Владата информираше дека е постигнат договор со ССМ и со Организацијата на работодавачи да се зголеми износот на минимална плата од 18 илјади денари, со што како што рече, 80 илјади граѓани ќе се издигнат на прагот над сиромаштијата.
Почнувајќи од мартовската плата, како што рече тој, работниците ќе имаат покачување од околу 45 евра. Според него, се постигнала и согласност за промена на критериумите за методологијата за годишно усогласување на минималната плата со 50 проценти од годишниот раст на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците за живот. Третиот критериум, додаде Ковачевски е новина и значи дека минималната плата нема да може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата.
„Очекуваме оваа мерка позитивно да влијае и на останатите плати во сите индустрии со што ќе се подобри стандардот на сите граѓани“, рече Ковачевски.
Работодавачите, согласно договорот, порача премиерот, ќе го покријат нето зголемувањето на платата, а државата ќе ја покрие целокупната разлика во делот на придонесите. Станува збор, според Ковачевски, за околу 16 милиони евра.