Сé уште сме во фаза на широка трансмисија на вирусот и рано е за укинување на ковид-сертификатите, смета Комисијата за заразни болести. Предлага продолжување на сертификатот по прележана болест од сегашните 45 на 180 дена. Вакцинацијата останува најдобра заштита од КОВИД-19, особено од хоспитализација и смрт. Засега не се размислува за задолжителна вакцинација, туку како таа да се поттикне.
Според анализата на Институтот за јавно здравје на сите случаи на хоспитализации и смрт од КОВИД-19 во периодот од 1 до 31 јануари 2022 година, само шест лица кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести на прес-конференцијата посочи дека не се размислува за задолжителна вакцинација, туку Комисијата разговарала како е можно да се поттикне вакцинацијата, со цел создавање колективен имунитет.
– Се размислува во насока на тоа да има и централизирана кампања за да може да имаме малку поорганизиран пристап до начинот со којшто допираме до граѓаните, за да им објасниме кој е бенефитот од вакцинацијата. Од друга страна, се размислува и за такви групи односно за оние што ни се најпроблематични. Пред се, тука треба да ги споменеме оние кои имаат сериозни коморбидитети, заболувања коишто ја влошуваат ситуацијата кога ќе имате КОВИД-19 пропратен како на еден од ризик-факторите којшто може да даде тешка клиничка форма на болеста или којшто може да даде смртен исход. Тие таргет групи сега се сериозно во фокусот, велат од Комисијата за заразни болести.
Останува препораката за носење заштитна маска во училиштата. Комисијата за заразни болести досега не добила барање од родители децата на училиште да не носат маски и за тоа не е разговарано.
Ќе има помал број на тестови кои ќе покажат каква е актуелната состојба меѓу популацијата од шест до 18 години. Ќе се применува стратегијата „тестирајте за да останете во училиште“ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека направеиот тест е негативен.
Од почетокот на пандемијата досега во земјава се направени вкупно 1.826.611 тестирања. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани изнесува 280.594, оздравеле 259.898, а починале 8.624 лица.
извор: kanal5.com.mk