По упатен повик до Центарот за управување со кризи беше побарана помош од Министерството за внатрешни работи за евакуација на болно изнемоштено лице, жител на село Галичник, општина Маврово-Ростуше. Од страна на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, во содејство со Хеликоптерската единица на МВР, веднаш беше одговорено на поставената задача и за кусо време се завршија подготовките за оваа спасувачка мисија, информираат од МВР.
Припадниците на специјализираниот алпинистички тим на САЕ Тигар заедно со колегите од Хеликоптерската единица денеска (09.02.2022) во периодот од 07.00 до 10.00 часот извлекоа жител на село Галичник, а поради снежните навеви на патиштата кон селото, тимот на САЕ„Тигар“ беше принуден да се спушти на локацијата во Галичник, користејќи специјална опрема за спуштање и кревање од хеликоптер, пишува во соопштението.
Исто така од страна на полициските службеници лицето било подготвено за транспорт, ставено во хеликоптер и транспортирано до ГОБ „8 Септември“ во Скопје, каде било предадено за укажување на медицинска помош.
За потсетување, Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ при МВР е наменета за извршување на специјални полициски и антитерористички задачи. Покрај основната намена, специјализираните тимови на единицата се користат и за извршување на спасувачки мисии при сложени услови на тешко пристапен терен.