Често може да се слушне како директорите и шефовите се жалат дека ги губат најдобрите работници. Но, колку и да не сакаат да веруваат во тоа, многу често се случува вработените да не ги напуштаат своите работни места, туку шефовите. Еве на што се должи тоа.
Иако директорите и шефовите имаат навика најдобрите вработени да ги претрупаат со работа до крајни граници, ова е често контрапродуктивно. Истражувањата покажале дека работната продуктивност по час нагло опаѓа кога работната недела надминува над 50 часа, додека над 55 часа работна недела, продуктивноста е толку ниска што од дополнителната работа не добивате всушност ништо.
На директорите, менаџерите и шефовите им се советува, доколку веќе треба да го зголемат обемот на работа на своите најдобри работници, да го придружуваат таквиот потег со подигање на нивниот статус на повисоко ниво. Унапредувања и нови титули се некои од начините да се осигурате дека вработениот нема да бара друга работа и каде повеќе ќе го ценат.
Не ја препознаваат/наградуваат квалитетната работа
Секој сака да биде пофален, без разлика што и каде работи. Менаџерите и директорите треба да комуницираат со своите вработени за да дознаат што им треба и да им овозможат да се чувствуваат добро – за некои тоа е зголемување на плата, за други јавно признание и слично. Наградувањето и признавањето на трудот и добро завршената работа е секогаш одлична мотивација.
Не се грижат доволно
Повеќе од половина од луѓето кои даваат отказ, даваат отказ поради односот со нивниот шеф. Големите компании на чело имаат луѓе кои научиле да ја спојат професионалноста со човечноста. Шефовите кои не го почитуваат ова, секогаш ќе имаат висока стапка на вработени кои даваат отказ.
Не ги почитуваат своите обврски
Доколку директорот го задржи даденото ветување, во очите на своите вработени расте како посветена личност на која може да и се верува. Но, кога ќе го занемари ветувањето, многу лесно се стекнува впечаток дека се работи за личност која не само што не се грижи за вработените, туку не ги ни почитува.
Промовираат погрешни луѓе
Добрите и грижливи луѓе сакаат да работат со колеги кои ги поседуваат истите карактеристики. Доколку менаџерите не завршат квалитетна работа при вработување на добри работници, таквата ситуација ќе биде демотивирачка. Од ова полошо може да биде само промовирањето на луѓе кои не го заслужуваат тоа. Тоа со сигурност ќе делува навредливо кај оние вработени кои вредно си ја вршат својата работа.
На вработените не им е дозволено да ги следат своите страсти
Талентираните работници се страствени, а давањето можност да ги следат нивните страсти ја подобрува нивната продуктивност и задоволство од работата. Но, некои менаџери стравуваат дека продуктивноста на работниците ќе се намали доколку го прошират својот фокус. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои се способни да се водат од своите страсти се поуспешни бидејќи еуфоричниот ум е до пет пати попродуктивен.