Граѓаните што живеат во населбите Карпош 1 и Карпош 2 сѐ уште немаат решение за проблемот со недостиг на паркинг-места, иако Општината уште пред две години презема иницијатива за воведување регулирано паркирање во овие населби.
Во Општина Карпош пред две години беше направена анкета на граѓани, на која тие пројавија интерес за воведување зонско паркирање. Потоа, Општината достави барање до ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за уредување на паркирањето – зонско. Но, до претпријатието сѐ уште не е доставена целосно потребната документација за изработка на проект. Оттаму додаваат дека според направените анализи на терен и потребите на граѓаните во овој дел од градот, во план е да се преуредат јавни површини и да се оспособат за паркирање.
Предвидено уредување на територија во Карпош 1 се улиците: Гиго Михајловски, Иван Аговски, Даскал Камче, Руѓер Бошковиќ и Никола Тесла. Со реорганизација и реконструкција на овие јавни површини на кои би се вовело зонско паркирање, јавното претпријатие би овозможило паркирање за околу 400 возила. Во Карпош 2 предвидено е да се оспособи потегот од булевар 8 Септември, улица Бранислав Нушиќ и улица Веселин Маслеша, со што би се ставиле во употреба приближно 300 паркинг-места – прецизираат од претпријатието. Сепак, условите за паркирање сѐ уште не се точно утврдени. Начинот, условите, цените и слично, како што велат, дополнително ќе се утврдуваат според законските прописи и актите на претпријатието.
Во меѓувреме жителите се снаоѓаат како знаат и умеат. Дел од нив со канти на тротоарите се обидуваат да си сочуваат паркинг-место за својот автомобил, а останатите вртат по половина час низ населбите во потрага по слободно место. Ова предизвикува кавги меѓу соседите, расправии, особено што станува збор за јавен, а не приватен простор што незаконски се узурпира.
извор: skopjeinfo.mk