Сточарите се незадоволни од намалувањето на сувенциите предвидени во програмата за 2022 година. Бараат средба со надлежните и враќање на старите субвенции наместо скратени за да можат да опстанат во време кога се е поскапено. Ако за една недела не добијат одговор на нивните барање, најавуваат протести, бидејќи како што велат, не можат да ги прехранат грлата, ќе почнат да ги продаваат стадата и да се откажуваат од сточарството.
Тие лани добиваа по 1.300 денари субвенција по грло, 1.000 денари за задржано женско јагне и интервентна мерка од 400 денари додека годинава субвенцијата за грло е скратена на 1.000 денари, а за задржано женско јагне на 700 денари, додека пак интервентната мерка од 400 денари сега е редовна мерка.
Одгледувачите на овци се револтирани од власта која им ги намали субвенциите кога треба да се зголемат бидејќи сè е поскапено, струја, нафта, сточна храна…
Сточарите се прашуваат зошто ако државата сака да ни помогне им ги намалија основните субвенции од 1.300 на 1.000 денари. Бројот на сточарите секоја година се намалува, а како што велат ако државата продолжи со ваквата погубна политика ќе остане без овци.
-Моменталната откупна цена е од 160 до 165 денари за килограм жива мера, која е под производствената и цената пресметана од Институтот за сточарство, која изнесува 184 денари за килограм жива мера. Последниве години откупните цените не отепаа, а државата со нејзината погубна политика не дотепа. Го допревме дното не можеме повеќе да издржиме, се жалат сточарите.
За да ги намират давачките и да имаат одредена заработувачка, велат дека откупната цена треба да биде минимум 180 денари за килограм, бидејќи трошоците за храна секоја година се сè повисоки. Но, немаат друг излез и се принудени да ги продаваат јагнињата по многу пониска цена.
извор: vecer.press