Туристичката сезона во Грција годинава официјално ќе започне во март, порано од претходните години, рече министерот за туризам, нагласувајќи ги позитивните знаци за претстојната сезона на летни одмори.
Туристичкиот сектор сочинува една петтина од бруто домашниот производ на Грција и го вработува секој петти работник во Грција. Таа почна да закрепнува минатата година, а туристичката сезона, која официјално започна во мај, на Грција и донесе вкупно околу 10,5 милијарди евра приход.
Но, тие приходи се сепак значително помали отколку во рекордната година пред пандемијата со 33 милиони гости и приходи од 18 милијарди евра.
„Грчкиот туризам доживува голема побарувачка и динамика оваа година. Големите тур-оператори, големите авиокомпании сакаат да ја продолжат сезоната (од март до декември)“, изјави за Ројтерс министерот за туризам Василис Кикилијас. Има силни индиции дека претстојната туристичка сезона ќе биде добра, тврди тој.
Грција веќе ги олесни патните ограничувања воведени за борба против ширењето на инфекцијата со коронавирус, а на целосно вакцинираните гости повеќе не им треба негативен тест за вчез во земјата. „Од денеска Грција е отворена за сите гости, иако на 1 март годинава официјално започнува вистинската, летна сезона“, рече Кикилијас.
Како и поголемиот дел од Европа, Грција забележа нагло зголемување на бројот на заразени во јануари, поттикнати од омикрон, но бројките паѓаат и побарувачката за патувања постои, рече министерот.
Во кварталниот преглед на економската состојба минатиот месец, Институтот ИОБЕ предвиде дека туризмот ќе и помогне на грчката економија да порасне за 4,5 до пет проценти оваа година. Приходите од туризмот треба да достигнат од 80 до 90 отсто од рекордното ниво од 2019 година, предвидува ИОБЕ.
извор: kanal5.com.mk