Како што е познато, во дејностите кои се сметаат за исклучок од недела неработен ден, работниците треба да добијат дополнителна дневница од 50 отсто, додека, пак, оние што работеле во недела а се вработени во трговските објекти, треба да заработат зголемување на дневницата за 100 проценти, или двојна дневница. Така е предвидено со измените на законите за работни односи и за трговија, па Државниот инспекторат за труд, покрај со контролите кои од поодамна ги прави за тоа кои од фирмите што не смеат или не пријавиле, сепак работат во недела, стартуваше и со проверките кои од газдите ги исплатиле или не додатоците за плата за оние работници што работеле во недела.
Но, засега за овие компании, како и за нивните газди или директори, не е изречена никаква казна, туку само им било дадено решение да им го исплатат додатокот на плата на работниците.
Она што е интересно, е дека дури 11 фирми, не им ни доставиле документација на трудовите инспектори за тоа дали исплатиле зголемена дневница или не на работниците што работеле во недела.
Oд инспекторатот нагласуваат дека ќе продолжат со вршење на вонредни инспекциски надзори во недела, поради доследна примена за одредбите од Зконот за работни односи и Законот за трговија.
Инаку, Државниот инспекторат за труд ги објави и сите објекти кои работеле во неделите во јануари, односно во првиот месец од оваа година, а кои за тоа уредно дале известување до ДИТ по електронски пат, односно на електронската имејл адреса rabotavonedela@dit.gov.mk за месец јануари 2022 година.
Од оваа листа може да се види дека во јануари во недела работеле 2.400 објекти. Притоа, треба да се напомене дека не станува збор за 2.400 компании, туку за помалку, бидејќи во објавената листа се опфатени по повеќе објекти на некоја фирма, на пример трговска компанија или синџир на бензински пумпи, односно сите нивни објекти кои биле пријавени за работа во недела во јануари оваа година.
Притоа, од листата може да се види дека доминираат бензински станици, трговски објекти, угостителски објекти, индустриски капацитети, компании за производство на брза храна и слично.
извор: faktor.mk