Младите сакаат настава во живо, но истовремено и осовременување на образовниот процес преку воведување на дигитални начини на учење.
Форумот за образовни промени има за цел да даде свој придонес за подобрување на квалитетот на високото образование во земјава и да ги поттикне студентите да придонесат за локалната и меѓународната заедница преку нивното активно учество во процесот на донесување одлуки.
Дигитализацијата е многу важна тема, поради тоа што 21-виот век бара да имаме дигитализиран образовен систем.
Пандемијата со коронавирусот го наметна забрзаниот процес на дигитализирање, како во образованието, така и во другите сфери, но истовремено ги изнесе на површина важните прашања како: медиумската писменост, дигиталната писменост, етичките аспекти на дигитализацијата во образованието, аспектот на приватноста, заштитата на личните податоци и сајбер безбедноста. Треба да се обрне особено внимание на овие прашања и да се движат процесите паралелно.
За тоа дали дигиталната трансформација на образованието е целосно позитивен процес, сведочи фактот што најголем дел од младите се информираат од социјалните мрежи и новите канали за комуникација, каде лежи проблематиката и ризикот дека истото не е регулирано и подложи на дезинформации и злоупотреби.
Образовниот систем се соочува со низа предизвици – од една страна брзата динамика на промени во технологиите придонесе кон процеси и можности каде што младите имаат пристап во реално време до голем број на информации, додека од друга страна – образовните институции имаат побавна динамика и не ги следат промените и можностите кои ги нудат технологиите.
извор: radiomof.mk