Репрогласувањето на националниот парк „Маврово“ ќе мора да почека нова Студија за ревалоризација на заштитеното подрачје. Последната е направена во 2011 година.
Во меѓувреме, додека чека заштита, паркот се претвора во градилиште, штетите се очигледни, а можеби и непоправливи. Непостоењето на ефективен закон остава простор за никнување и на нови дивоградби, како и за продолжување на концесиите за планираните мали хидроцентрали. На Маврово не му недостасува само закон, туку и План за управување кој се носи по законот, а е клучен за унапредување на состојбата во паркот, реализација на разни програми за заштита, но и за одржлив развој и финансирање.
Во услови кога домашните еколошки здруженија, локалното население, дел од вработените во самиот национален парк, се против проектите кои институциите упорно ги продолжуваат или се обидуваат да ги озаконат, веројатно е многу потешко да се изработи Студија за ревалоризација која ќе предложи зонирање на паркот подредено на овие проекти. Од Министерството за животна средина, пак, велат дека старата студија не ги задоволува барањата и мора да биде дополнета.
Една од причините што старата студија е неприфатлива, велат од Министерството, е што во неа нема информации и податоци за измена и дополна на урбанистичко планска документација на подрачјето на паркот, како и за други инфраструктурни проекти кој можат директно да влијаат врз биодиверзитетот.
Постапката продолжува во Националниот совет за заштита на природа кој треба да даде мислење, по што согласно со Законот за заштита на природата, ќе се изработи закон кој ќе мора да биде донесен во владина и собраниска процедура.
извор: radiomof.mk