Денеска е Св. апостоли Петар и Павле – Петровден. Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли.
Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.
По примањето на Светиот Дух апостолите се растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој план меѓу нив најповеќе се истакнале светите апостоли Петар и Павле. На иконите, светите апостоли Петар и Павле се претставени заедно, Петар со клучеви од рајот, а Павле со меч, симбол на сопствената смрт. Именден празнуваат: Петар (Камен, Каменко), Петре, Петра, Петранка, Петруна.
На овој празник не се работи, порано стоката се прскала со вода за да биде здрава цела година, а се плетеле и венци и им се ставале на роговите на животните. На овој ден не смеат да се сечат јаболки со нож, ниту да се удираат јаболки една од друга. Се верувало дека во спротивно ќе падне силен град. Некои им носат јаболки наутро на соседите, а некои разнесуваат за покојните. Обичај е да се меси колач со јаболки.
news24.net.mk