Според новиот начин на пресметка, регулаторот ќе ја менува цената на горивата на дневна основа само доколку одреден дериват на светските берзи поевтини или поскапи за два долари. Од Регулаторната комисија за енергетика појаснуваат дека цената на горивата за бензинските пумпи се одредува во однос на цените кои биле на берзите во последните пет дена. Дополнително во финалната цена влегуваат и давачките кон државата, но и трошоците за транспорт на дериватите, како и одредената трговска маржа. Последните информации дека се намалува цената на суровата нафта на берзите за над 15 отсто, нема да влијае врз цената во Македонија.
„Вчера имаше котации на берзата на Брент нафта, но ние кога определуваме цена не калкулираме со Брент нафта, туку го земаме секој нафтен дериват поединечно и земаме петдневен просек на цените“, наведоа од Регулаторната комисија за енергетика.
По одлуката, регулаторот да ја намали маржата на трговците за 33 отсто или наместо 4,5 денари да заработуваат по три денари од еден литар гориво, жестоко реагираа трговците. Најголемиот трговец со овие деривати во земјава Макпетрол најавува дека е можно да ја запре продажбата на нивните пумпи поради, како што велат, работење во непазарни услови.
Се огласија и од Здружението на бензински пумпи од источниот дел на Македонија. Тие тврдат дека не им претстои само можно привремено затворање на пумпите, туку и целосно ставање клуч на својот бизнис. Регулаторната комисија, но и властите бараат од трговците со нафтени деривати да имаат разбирање и солидарност. Маржите ќе им биле вратени откако состојбата ќе се нормализирала. Владата вчера преку измени на законски решенија донесе одлука да се намали акцизата на горивата, како и ДДВ-то на енергенсите од 18 на 10 отсто. Но, засега предлог измените не се стигнати до Собранието.