Дали сте се запрашале на која надморска височина се градовите во Република Македонија?
Дали знаете дека има само два града под 100 м и еден над 1000 м надморска височина?
Со помош на поновите топографски карти, сателитски снимки, дигитални модели на релјефот и специјален ГИС софтвер, направена е анализа на надморската височина на градовите во нашата држава. При тоа се добиени интересни податоци. Така, од вкупно 34 града, само градовите Гевгелија и Богданци лежат под 100 м надморска височина, а Крушево пак е единствен град кој целосно лежи над 1000 м надморска височина (Пехчево е помеѓу 960 и 1050 м). Крушево е убедливо највисок град во Македонија (1220 м), а неговите највисоки делови достигаат речиси до 1300 м, што е повисоко и од некои планини (за споредба, Водно е високо „само“ 1066 м!).
Генерално, надморската височина на градовите се зголемува одејќи од излезот на Вардар, Струмица и Црни Дрим од нашата држава, кон горните, изворишни долински делови на овие реки и нивните притоки.
Најмногу градови има помеѓу 600 и 700 м надморска височина (дури 10), а најмногу пак население во 3-те града кои лежат помеѓу 200 и 300 м. Во однос на топографијата, интересно е што висинската разлика во градовите е доста голема: од 155 м кај Скопје, 130 кај Крушево, Кратово и Велес до само 4 м кај Струга и 30-тина метри кај Гевгелија и Демир Капија. Сепак, со оглед на површината, најголема висинска разлика имаат Крушево и Кратово, што се гледа и во нивната физиономија. Големите висински разлики кај градовите се поради нивната положба покрај ридско-планинските падини, а типични целосно рамничарски градови речиси и да нема (освен Струга и донекаде Гевгелија).
извор: enauka.mk