Експертите сметаат дека е време за олабавување на мерките, бидејќи Македонија има висок процент на природен имунитет. Повеќе европски држави веќе ги олеснија мерките, иако се соочуваат со многу нови случаи. Според Доктор Пановски, кај нас нема опасност од нагло ширење на вирусот доколку се олеснат мерките.
„Се споредува со други држави но, мислам дека споредбата не е баш адекватна. Без разлика што таму има 90% вакцинација, состојбата е многу поразлична. Ние имаме 90% прележаност. Така да, олабавување на мерките кај нас нема да предизвика таков голем пораст отколку во тие земји, бидејќи колку сакаат нека зборат, природниот имунитет повеќе штити од вештачкиот. За жал, така е. Меѓутоа, тоа е вистина колку и да сакаме да зборуваме друго. Понатаму, кај нив имаше вистински мерки. Кај нас нема мерки, кај нас има ѓоа мерки. Значи, нема никаква улога ако ги укинете вие сертифиактите во рестораните дека сега луѓево не смееле да одат па сега одеднаш ќе отидат. Кој сакал си одел, ако не во овој ресторан во друг, во кафич, младите си се собирале. Така да, укинување на сертификатите конкретно нема никакво влијание да има врз епидемиолошката состојба. Тоа сум сигурен. Се согласувам, нека останат маските во затворен простор, во продавници, во аптеки, молови итн., каде што луѓето се во гужва. Секако, и во јавниот превоз и негде во претпријатија, каде што таква е природата на работата каде што се многу луѓе. Што се однесува до маските во училиштата, мислам дека е време да се тргнат“, вели доктор Никола Пановски.
Според Пановски, непотребно е броењето на нови случаи. Суштина гледа само во евиденцијата на хоспитализирани и смртни случаи.
„Кај нас мерките не биле такви и не биле почитувани ниту од власта, ниту од граѓаните за ако се олабават дека нешто ќе се случи. Второ, веќе треба да се престане со број на случаи. Ништо тоа не значи, ви гарантирам, бидејќи сме гледале испитувања на доброволци за друга работа дали се ПЦР позитивни за да влезат негде. Вистински тестови, не овие за патување кои не се точни, ви кажувам јавно. Од приватни лаборатории тестови за патување не се точни, бидејќи во јануари, кога беше пикот на омикрон според наши сознанија, бидејќи ние работиме ПЦР, сме работеле со здрави луѓе, околу 8 до 10% од населението е позитивно кога е здраво ако се прави ПЦР тест. Така да, ако вие тестирате во Македонија милион луѓе, 10% ќе бидат 100.000. Така да, во Германија 220.000 ништо не значат ако не знаеме кој е бројот на тешки случаи. Значи, треба да се кажува колку завршиле во болница, дали се зголемува хоспитализација по олабавување на мерки, дали се намалува смртноста и тие последици“, вели д-р Пановски.
И покрај високите бројки многу европски држави ги олеснуваат или укинуваат ковид мерките. Австрија се откажа од задолжителната вакцинација, а маски се носат само во метро. Белгија ги укина сертификатите и речиси сите мерки. Словенија ги ослободи учениците од задолжително носење маски. Србија веќе не бара Ковид пропусници ниту маски во затворени простории.