Студените утра оваа недела може да предизвикаат штети доколку во регионите каде што се веќе расцветани бадемот, сливата и раните сорти кајсии паднат под -5 степени, предупредуваат агрометеоролозите.
Разладувањето на атмосферата со пониски дневни температури и врнежи од дожд и снег минатата недела, пак, го успори или го одржуваше на исто ниво пролетното будење на овошките што е добро во овој период од годината зашто зимата се уште трае.
-Ниските минимални утрински температури кои се очекуваат во текот на викендот и наредната седмица, особено во првите неколку дена, од агрометеоролошки аспект можат да причинат штети доколку во регионите каде е веќе расветан бадемот, сливата и раните сорти кајсии паднат под -5 оС, температура која е пониска од издржливоста на овошките во оваа фаза. Во повисоките региони каде не е почната вегетацијата добро е што ќе ги одржи подолго време во мирување овошките и виновата лоза, фаза, која колку подолго се одржува, толку се поголеми шансите да имаме поуспешна реколта, објаснуваат агрометеоролозите од УХМР.