Годинава се одбележуваат 30 години од монетарното осамостојување. Пред 30 години, на 26 април, беа поставени основите на монетарната самостојност – беше воведен денарот како парична единица, којашто го замени тогашниот југословенски динар, а Народната банка почна да функционира како самостојна централна банка, наведуваат од Централната банка.
Името „денар“ потекнува од староримската монетарна единица „денариј“ и претставува израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот периоди. Предлогот за името бил даден од страна на академик Петар Илиевски. Претходно, на состаноците на Комисијата за монетарен систем биле разгледувани неколку предлози за името на македонската валута, како: „македонски динар“ или „лав“.
Во 1993 година, новиот денар бил издаден со деноминации од 10, 20, 50, 100 и 500 денари, а апоенот од 20 денари бил издаден само во првата серија на банкноти. Сите апоени биле издадени како банкноти, додека во првата серија не биле ковани монети.
Во мај 1993, во втората серија биле воведени и монети со деноминации од 50 дени, 1, 2 и 5 денари.
Во 1996 година биле воведени апоените од 1000 и 5000 денари.
Почнувајќи од 1996 година, НБРМ издава јубилејни монети за колекционерски цели.
Банкнотите со помала деноминација, 10, 50 и 100 денари се печатени во Република Македонија, додека банкнотите со деноминации од 500, 1000 и 5000 денари (издание 1996), се печатени во „Thomas De La Rue“ во Лондон. Последното издание на банкноти од 500 и 1000 денари од 2003 година е исто така изработено во TDLR. Македонските банкноти содржат повеќе заштитни елементи како што се воден печат, заштитен конец, инталјио печат, скриена слика, микро текст, двоен пасер и оптички променлива боја.
Монетите се ковани од легура CuNi3Zn17 (CuZn15 за 50 дени) во ковницата „Сувенир“ во Самоков. Автори на ликовното и техничкото решение не монетите се Димче Бошкоски и Снежана Атанасова, вработени во ковачницата.
„И натаму ја чуваме стабилноста на денарот, како од економски, така и од неекономски закани – шпекулациите и лажните вести, коишто се подеднакво опасни. Додека ја чуваме стабилноста на денарот и финансиската стабилност, истовремено се ориентираме и кон иднината, по примерот на најголемите централни банки“, наведуваат од Народната банка.