Нема да се одржи протестот што го најавија за утре напладне синдикалните организации од АД Пошта на Северна макеоднија. Одлуката за протестот е ставена времено во мирување поради почнати преговори за сидникалното барање за линеарно покачување на платите на вработените, информираа денеска од Конфедерацијата на слободни синдикати.
Синдикалните претставници вчера одржале состанок со Управниот одбор на Пошта, од каде, како што велат од КСС, беше прифатено барањето на синдикалните организации на Друштвото за линеарно покачување на платите на вработените со почнување на постапка во истиот момент за реализација на барањето. Добиле ветување дека во понеделник ќе имаат заедничка средба со УО и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
-Како преставник на Владата на РСМ во чија 100 процентна сопственост е А.Д Пошта на Северна Македонија, во постапката за реализација на барањето за линеарно покачување на платите на вработените ќе се вклучи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, со одржување заеднички состанок на 21 март со претставници на Синдикалните организации и Управниот одбор на А.Д. Пошта на Северна Македонија. Во таа насока закажаниот протест на Синдикалните организации на 20 март во 12.00 часот, пред Дирекцијата на А.Д. Пошта на Северна Македонија и пред Владата на РСМ, нема да се одржи, односно, времено ќе биде во мирување поради отпочнатата постапка за преговори во рамки на трипартитниот дијалог за постигнување договор и реализација на барањето на Синдикалните организации, стои во соопштението.
Доколку не се постигне договор во најбрз рок со Владата и Управниот одбор, синдикалните оргнизации најавуваат дека ќе продолжат со постапката за организација на протест како и поведување постапка за штрајк на вработените во Пошта со цел да се постигне решение на барањето на вработените за линеарно покачување на платите и заштита на работничките права и достоинство.
Синдикалната организација на АД Пошта на Северна Македонија и Синдикатот на Македонска пошта претходно соопштија дека причина за протестот е незадоволството и револтот на вработените од 30 годишното непокачување на платата, загриженоста за иднината на компанијата и незадоволство од долгогодишните супстандардни услови за работа и необезбедени средства и опрема за работа.