Народниот правобранител ќе предложи измени на регулативата за испорака на електрична енергија во делот на обврската за отчитувањето на броилата, откако голем број граѓани се пожалиле дека добиваат високи сметки за струја која не ја потрошиле.
Граѓаните најчесто реагираат затоа што еден месец плаќаат високи сметки, кои следниот месец им се намалуваат, но дека ваквата пракса им предизвикува стресови затоа што потрошувачите авансно ја плаќаат потрошената електрична енергија. Некои семејства, пак, и не се во можност со оглед на ниските примања да ги плаќаат вака скроените сметки и затоа бараат секој месец да платат онолку колку што потрошиле.
Таков е случајот со наш сограѓанин кој вели дека летоска во месец август кога цело семејство било на летен одмор за струја платил над 3.000 денари, а веќе во наредниот месец му дошла сметка на која било извршено порамнување со сума од околу 500 денари. Тој, сепак очекува во иднина да не плаќа авансно затоа што тоа го оптеретува неговиот семеен буџет.
Ако се случи да не е прочитано броилото, велат од ЕВН, за што се фактурира претпоставена вредност како просек од потрошувачката во последните 12 месеци, корисникот може да пријави состојби преку веб страната evnonline.mk, преку меил, телефонски и во приемните канцеларии на Корисничките енергоцентри на Електродистрибуција, при што нивните служби ќе ги направат соодветните корекции.
извор: novatv.mk