Прочитајте го овој забавен опис за тоа како се однесуваат луѓето на работа според нивниот хороскопски знак и кажете ни дали ќе се препознаете себе или вашите колеги. Можеби и шефот.
Девицата доаѓа на работа половина час пред сите други за да ја проветри канцеларијата. Потоа ги мие валканите шолји со кафе што од претходниот ден ги оставиле колегите во заедничката кујна бидејќи ги навикнала дека таа ќе среди сѐ.
Набрзо по неа доаѓаат Близнаците, со елан за нови работни предизвици и веќе на четвртото кафе од сабајле.
Вагата уште не го вклучила компјутерот, а веќе го шири трачот што го слушнала претходниот ден и одвај додржала додека да дојде на работа и да го каже.
Додека се случува сево ова, Водолијата дреме на биро. Најверојатно ќе дреме до пладне.
Ракот нервозно влетува во канцеларијата за Човечки ресурси да се пожали на тврдоглавиот Овен бидејќи пак гласно слуша музика и се прави „на глув“ на барањата на другите да ја намали музиката или да стави слушалки.
Стрелецот пак треснал во ѕид бидејќи не внимава каде оди – очите му се залепени на колешката Риба која собира документи што ѝ паднале од раце, тргајќи му се од пат на Лавот кој јасно става до знаење дека неговите обврски се најважни, а неговите барања – со приоритет.
Бикот кришум игра видеоигра на компјутер, додека Скорпијата го чита мејлот од надредените за последиците од флертување на работното место.
Сите нив внимателно ги набљудува шефот Јарец и прави список - кој ќе добие намалување, кој покачување, кој отказ...